Search

Папата за првпат назначи жена на висока позиција во Ватикан

За прв пат една жена ќе има висока позиција во Ватикан, бидејќи папата Франциско, поглавар на Римокатоличката црква, ја назначи Франческа ди Џовани на функцијата заменик министер во Државниот секретаријат на Ватикан, што е еквивалентно на централната власт, објави Светата столица.

Папата ја именуваше Ди Џовани (66) како потсекретар во одделот надлежен за односи со други држави, што е споредливо со министерството за надворешни работи, се вели во соопштението.

Франческа ди Џовани е дипломиран правник и работи во Државниот секретаријат на Ватикан 27 години. Таа ќе се занимава со прашањата поврзани со мигрантите и бегалците, како и со меѓународното хуманитарно право.

Адвокатката по назначувањето рече дека папата донел „иновативна одлука“ што претставува знак на внимание кон жените.

Од почетокот на неговиот понтификат во 2013 година, папат Франциско (83) ја истакнува улогата на жените во црквата и општеството, редовно осудувајќи ги неправдите чии жртви се тие.

Треба да знаете
Последни објави