Search

Отворен е конкурсот за годишните награди на ЗНМ

Здружението на новинарите на Македонија традиционално секоја година доделува две награди за новинари, наградата „Крсте Петков Мисирков“ за животно дело и наградата „Јашар Еребара“ за истражувачко новинарство. Од претходната година, по одлука на Управниот одбор, ЗНМ доделува уште една награда за најдобро новинарско известување за теми од локално и регионално значење за новинари од внатрешноста на С. Македонија.

За наградата за животно дело кандидатите може да се пријавуваат сами или по предлог на тројца новинари. Во пријавата, освен личните податоци на кандидатот и кратка биографија, се доставува и образложение за остварувањата на кандидатот, што оставиле посебна трага во македонското новинарство.

Кандидатите за годишната награда за истражувачко новинарство се пријавуваат сами или по предлог на тројца новинари. Медиумските продукти треба да бидат сериозни новинарски истражувања објавени во текот на 2019 година во медиумите во С. Македонија, посветени на важни прашања за пошироката заедница. Приказните треба да откриваат злоупотреби на власта и моќта, како и кршење на човековите права и слободи. Тие треба да бидат оригинални и поткрепени со факти проверени од разни извори на информации. Пријавата може да содржи најмногу два новинарски продукти кои се објавени во текот на минатата година.

За наградата за најдобро новинарско известување на теми од локално и регионално значење за 2019 година се пријавуваат новинари кои имаат објави во локални или регионални медиуми или се дописници на национални медиуми во државата. Пријавата и за оваа категорија може да биде поднесена од самиот новинар или по предлог на тројца колеги. И за оваа награда новинарите може да аплицираат најмногу со два новинарски продукти кои биле објавени во текот на минатата година.

Во апликацијата за наградата за истражувачко новинарство и новинарско известување на теми од локално и регионално значење потребно е да стои функционален линк од објавата, а доколку се доставува во печатена форма материјалот треба да биде испечатен или снимен на CD/USB.

Пријавите треба да се достават до ЗНМ најдоцна до 12 февруари 2020 година и тоа: о електронска пошта на: contact@znm.org.mk, по препорачана пошта, адресирани на: Здружение на новинарите на Македонија, Градски Ѕид, блок 13, 1000 Скопје, РСМ или лично во канцеларијата на ЗНМ.

Пријавите треба да бидат означени: „За НАГРАДА“ во предметот на електронската порака или напишано на ковертот.

На добитникот на награда за животно дело ќе му се додели плакета, додека за најдобрата истражувачка сторија и за наградата за најдобро новинарско известување на теми од локално и регионално значење за 2019 година, наградените ќе добијат плакета, како и парични награди во износ од 1.000 евра по награда.

Изборот на добитниците ќе го изврши Комисија за доделување на наградите на ЗНМ.

Треба да знаете
Последни објави