Search

Отворен ден во Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија

Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, Вила Водно, денеска го посетија ученици од ООУ „Киро Глигоров”, по повод почнувањето на активноста Отворени денови во Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, како дел од проектот Лице во лице со Претседателот со кој во иднина ќе се реализираат директни средби на граѓаните со претседателот Стево Пендаровски.

За време на посетата на Кабинетот, учениците имаа можност да се сретнат и лично да поразговараат со претседателот Пендаровски, да присуствуваат во просториите во коишто се одвиваат официјалните средби, како и во салите во коишто се организираат свечености, настани и прес-конференции. Учениците се запознаа и со дел од вработените во Кабинетот и беа информирани за начинот на функционирање на оваа институција.

За време на денешната посета учениците од ООУ „Киро Глигоров” имаа можност да присуствуваат и на церемонијата за промена на државното знаме во Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, извршена од припадниците на Батаљонот за почести и опслужување на Армијата, што се одржува со цел подигнување на чувството и почитта кон знамето на Република Северна Македонија, како репрезент и симбол на државноста на нашата земја.

Со денешниот настан се најавува редовна практика на поголема отвореност на Кабинетот на Претседателот. Сите заинтересирани граѓани и организации, со претходно пријавување на официјалната интернет страница на Претседателот, http://pretsedatel.mk/?page_id=3016 ќе имаат можност да остварат директна комуникација со претседателот Пендаровски, да споделат свои идеи и предлози и да учествуваат во настани од јавен карактер коишто ќе бидат организирани во Кабинетот.

Треба да знаете
Последни објави