Search

ОН предупредија на опасноста од напуштениот танкер кај Јемен

Обединетите нации соопштија дека напуштениот танкер со нафта, закован крај брегот на Јемен, кој содржи повеќе од милион барели сурова нафта, е во опасност од пукање или експлодирање, што може да предизвика огромна штета на живиот свет на Црвеното Море и меѓународните транспортни патишта.

Бунтовничките Хути, кои ја контролираат областа каде што се наоѓа бродот, го отфрлија барањето на инспекторите на ОН за пристап до бродот.

Како што пренесуваат странските агенции, морската вода влегла во моторната сала, која не се одржува повеќе од пет години, предизвикувајќи штета на гасоводот со што го зголемува ризикот од потонување. Делови од танкерот се ‘рѓосани, а инертен гас што спречува собирање на запалливи гасови истекува од резервоарот. Експертите велат дека одржувањето веќе не е можно, бидејќи штетата на бродот е непоправлива.

ОН со години се обидуваат да испратат инспектори за да ја проценат штетата на бродот и бараат начини за безбедно истоварање на нафтата и повлекување на бродот на сигурно.

Танкерот е со јапонско потекло, изграден во 70-те години на минатиот век и продаден на јеменската влада во 80-те години. Бродот е долг 360 метри со 34 резервоари за складирање.

Треба да знаете
Последни објави