Search

Онтолошкото-императив на уметникот Страхил Петровски

Себепронаоѓањето, потрагата по исконското, искреното се забележува од фотографиите, од перформансите, инсталациите, различните медиуми преку кои се презентира кумановскиот уметник Страхил Петровски. Добро познат на домашната јавност, Петровски, годинава ја заокружува со бројни изложби, гостувања во странство, презентирајќи го своето творештво, но и градот Куманово и државата Македонија. Зад него е изложбата „Урбани еха” со која Петровски се презентираше во октомври во Амбасадата на Р. Македонија во Париз, по неговиот едномесечен резиденцијален престој во македонското атеље во Франција. Поддршката за реализацијата дошла и од амбасадата и амбасадорката Јадранка Чаушевска – Димов.Мултимедијалниот проект опфаќа педесеттина црно бели дигитални фотографииподелени во три циклуси Архитектура/Графити, „Црно/Структури Луѓе/Сенки”, триптихот дигитални принтови на церада „Прегрнувајќи ја неизвесноста” и видео записотЦрвена пилула/Сина пилула”, кои реферираат на релациите кон себството и постоењето на индивидуалниот идентитет во турбулентноста на современиот хаос. Петровски напоменува дека изминативе години експериментира со  различни медиуми.

-Проектот е субјективна реакција и рефлексија на она што ми (ни) се случува во ова проблематично време и турбулентно време, со години наназад, време на конфликти од секаков тип, политички превирања и кризи, разлики, изместени вредности и обезвреднување, обезличување на се она што не дефинира како луѓе, вели Петровски.

Французите, вели имаат резервиран пристап кон се она што доаѓа однадвор, но таму добил впечаток дека изложбата поминала одлично. Таа можност, уметникот ја искористил и за посета на саеми, изложби и поставки. Токму Петровски ја доби годинешнава „Ноемврска Награда” како академски сликар од областа на современата ликовна уметност. Годинава неговото дело имаа можност да го види јавноста и на Интернационалната изложба на акварел во Куала Лумпур, Малезија.

Перформансот „Сите бои на џезот“, што неодамна се одржа во Уметничката гелерија во Куманово помина во опуштена атмосфера пропратена со звуците на џезот со извонредна посетеност од публиката.

Во рамки на манифестацијата “Децембарски дани,  на покана од „Галерија 73 од Белград, во декември  Петровски пред белградската публика ќе се презентира со  десеттата  самостојна изложба, поддржана од  Општина Чукарица, која е збратимена со Куманово. 

-Проектот насловен ” SCHISM” – (society, culture, history, identity, sequence, masks), е составен од компилација од две претходно реализирани изложби,  кои се надополнуваат и  тематски и визуелно. Ќе бидат претставени неколку циклуси, 20- тина слики, објекти, видео запис, фотографии и инсталации, поставени како целини кои функционираат како одделни дела, сите со сопствена интимна приказна, но и заедно во вид на циклус кој дава сублимирана слика за различните  човекови размисли и состојби-додава Петровски.

Целините што ја комплетираат оваа визуелна нарација појаснува, се замислени како синтеза на две спротиставени крајности – апстракција и фигурација и  упатуваат на потребата од соочување со суровата стварност. И повторно, додава уметникот круцијален момент во неговата потрага по она што не чини индивидуа е истражувањето на вредностите, слободата, напредокот наспроти цензурата, самоцензурата, што се спротивставуваат на првичните принципии ја ставаат под ризик слободата на човештвото.

-Поставката е чиста во минималистички дух, транспарентна и едноставно читлива, а тоа е една од основните цели на ликовниот уметник, заклучува Петровски.

Уметникот не може и не смее да биде имун на случувањата околу него, смета Петровски. Живееме во општество каде се соочуваме и судираме  со проблеми од секаков вид, економски, политички, егзистенцијални, културолошки, верски, конфликти и разлики, додава кумановецот и уметникот е приморан да биде критичар на деструктивното секојдневие, апатијата, примитивизмот.

-Дебати, работилници, во однос на уметноста и културата генерално, има но потребна е суштинска критика во сите форми на културата, филм, музика, изложба, театар, во вистинска смисла на зборот  .Културата и образованието се репрезенти и клучни за „здравоопштество. Имаме одличен потенцијал  на квалитетни уметници од сите области во културата секако, се прават напори, но за жал, се сведе на политика, многу проблеми во културата кои треба и мора под итно да се решаваат -вели Петровски.

Македонските уметници, смета Петровски се снаоѓаат во транзицијата самостојно, без суштинска поддршка од институциите со мали исклучоци. Потребно е додава да се вложува дополнително и континуирано, за да можат и македонските уметници да се промовираат на исто ниво како и нивните колеги од развиените држави.

-На уметноста не мора само да гледаме од економски аспект туку и да оставиме некаква трага зад нас, да оставиме историјата да ги испише страниците – истакна Петровски.

Кумановскиот уметник дипломирал и завршил постдипломски студии на Факултет за ликовни уметности – Скопје, работи како советник – конзерватор во НУ Национален конзерваторски центар – Скопје.Учествувал на повеќе од 60 групни изложби, ликовни колонии, симпозиуми и семинари во Македонија и во странство. Добитник е на бројни награди и признанија. 

Треба да знаете
Последни објави