Search

Одбележан Меѓународниот ден за лица со попреченост

Зајакнување на капацитетите и можностите на лицата со попреченост и обезбедување нивна инклузивност и еднаквост во општеството, беа дел од темите на кои се разговараше на денешното одбележување на Меѓународниот ден на лица со попречености на Филолошкиот факултет во Скопје во организација на Институтот за дефектологија.

Заменик министерот за образование и наука, Петар Атанасов изјави дека ресорното Министерство  наскоро ќе излезе со Закон за основно образование, во кој инклузивното образование ќе биде еден од главните приоритети.

-Исто така се обидуваме да најдеме начин да ја збогатиме обуката на наставниците, затоа што само обучени наставници ќе можат да се снајдат и да работат со деца со попреченост, независно од видот на попреченоста. Мораме да ја поправиме инфраструктурата за лицата со физичка инвалидност да имаат пристап. Инклузивното образование ќе не води кон создавање на услови за подобар пристап за секое дете или секое лице со попреченост да може да го најде своето место во образованието, но подоцна зависно од околностите и условите и во општеството, рече Атанасов.

Државата, дополни тој, мора и вложува за тие деца да добиваат подобро образование, да добиваат лични асистенти, овозможување наставниците да бидат добро обучени и индивидуалната настава, како што рече е пат до успех на овие лица.

-Правиме напори законски да биде регулирано во секое редовно училиште во секој клас да има барем по две деца со попреченост за тие да можат да растат во исти услови со своите соученици. Не се важни само образовните содржини, туку и емотивните и воспитните содржини, нагласи заменик министерот Атанасов.

Националниот координатор за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост, Спасе Додевски изјави дека преку јавни дебати го наметнуваат проблемот за видливост на оваа група граѓани во институциите.

-Ги применуваме препораките од Комитетот на ОН, го подготвуваме акцискиот план за итна имплементација на мерките од Конвенцијата како предлог програма на Владата за 2019 година во која се вклучени огромен дел од мерките кои што ги препорачува Комитетот, ги зајакнуваме капацитетите, предлагаме, сугерираме и советуваме законски мерки и прописи и други правни акти од Конвенцијата, имплементираме стратешки цели преку Министерството за здравство, Министерството за образование и наука, Министерството за труд и социјална политика, појасни Додевски.

Деканот на Филолошкиот факултет, Проф. д-р Ратко Дуев рече дека професорите на Институтот за дефектологија заедно со студентите учествувале во снимање на емисии, спотови, разни настани, дебати организирани од јавни и приватни установи и здруженија, со цел да се подигне јавната свест за лицата со попреченост во нашата држава

Треба да знаете
Последни објави