Search

НУ Гостиварски театар ќе работи во Центарот за култура, обезбедени пари за основањето

НУ Гостиварски театар ќе работи во Центарот за култура, обезбедени пари за основањето

Седиштето на Гостиварскиот театар, новата национална установа за чие основање Владата донесе одлука на седница во вторникот, ќе биде во Центарот за култура во Гостивар. Средствата за вработувања и за други трошоци поотребни за неговото основање  ќе бидат обезбедени од Буџетот на Република Македонија за 2018 и за 2019 година во вкупен износ од 10.225.000 денари. Пари за програмски активности на установата, пак, ќе се обезбедат исто така од државниот буџет во постапка пропишана со Законот за културата, соопшти ресорното Министерство.

Театарот ќе го дели сценскиот простор со Центарот за култура. Во самиот објект, како што наведува Министерството за култура, има  услови за административно  постоење на двете институции (посебни канцеларии, гримиорни, гардероби…)

-Со основањето на Гостиварски театар ќе се задоволи повеќедецениската потреба за професионално остварување на театарската уметност и презентација на богатото театарско творештво во овој град. Истовремено,  ќе биде овозможен и рамномерен културен развој на ова подрачје, а ќе се отвори и можност за вработување едуциран и професионален кадар од областа на драмската уметност, како и збогатување на културната понуда во Гостивар, соопшти Министерството за култура.

Оттаму истакнуваат дека основањето на театарот беше една од заложбите на министерот за култура Асаф Адеми при стапувањето на функцијата, а во август тој имаше и средба со иницијаторите во Комисијата за основање на театарот: Сулејман Рушити, Берат Салиу и Арѓент Хасани.

Драмските  активности во Гостивар досега се реализираа во драмско студио во рамки на Центарот за култура Гостивар, но и преку  независни драмски проекти на организации од Гостивар, како и со гостувања од други градови од Македонија и од странство.

-И покрај евидентните напори на Центарот за култура да ги задоволи потребите од разновидни културни активности на многубројното население, сепак драмската дејност, како една од најстарите и најважни форми на културата, е најзапоставена, наведува Министеството за култура во врска со одлуката да се основа новата национална установа.

Треба да знаете
Последни објави