Search

Нов скандал на Борис Џонсон: Ѝ давал јавни пари на Американка со која бил во врска

Американската претприемачка Џенифер Аркури денес одби да каже дали имала интимна врска со британскиот премиер Борис Џонсон додека тој бил градоначалник на Лондон, но категорично ги негираше тврдењата дека таа имала корист од него.

„Сандеј тајмс“ објави дека Аркури добила илјадници фунти јавни пари и службени патувања додека Џонсон бил градоначалник на Лондон во периодот од 2008 до 2016 година.

По ваквата објава, лондонските власти контактирале со соодветната полициска служба која треба да утврди дали има елементи за отворање судска истрага.

Аркури за мрежата ИТВ изјави дека таа се поврзала со Џонсон додека бил градоначалник бидејќи била заинтересирана за класична книжевност, односно дека разговарале за францускиот филозоф Волтер.

На прашањето дали била во интимна врска со Џонсон, таа одби да одговори.

„Категорично, никого не засега тоа каква врска сме имале или не во приватниот живот“, рече 34-годишната Аркури.

„И категорично, многу е поважно дека Борис никогаш не ми дал привилегии, никогаш не сум барала услуга од него, никогаш не пишувал препораки за мене“, кажа таа.

Британските медиуми споменуваат договор од 2013 година во износ од 10.000 фунти (11.200 евра) и друг од 2014 година во висина од 1.500 фунти (1.700 евра), пари кои ги добила компанијата „Инотек“ во сопственост на Џенифер Аркури.

„Сандеј тајмс“ пишува дека Аркури исто така добила 15.000 фунти (17.000 евра) од владиниот буџет за 2014 година, како дел од стимулативна програма за странски инвеститори да отворат бизнис во Велика Британија.

Покрај тоа, годинава добила уште 100.000 фунти, пари наменети за британските компании, иако таа веќе го вратила бизнисот во Соединетите Држави. Таа последна сума сега е замрзната.

 

Треба да знаете
Последни објави