Search

Нови мерки за спречување на ширењето на новиот коронавирус во Косово

Владата на Косово донесе нови мерки за спречување на ширењето на новиот коронавирус во земјата, меѓу кои е и новото време на ограничување на движењето на луѓето, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според денешната одлука на Владата, забраната за движење ќе важи од 17 до шест часот, освен за здравствени потреби, за производство, набавки и продажба на есенцијални стоки (храна и лекови за луѓе и животни/живина) и за услуги и активности кои се во врска со справувањето со пандемијата.

Претходно, во понеделникот, 23 март, беше донесена одлука за забрана на движењето од 10 до 16 и од 20 до шест часот, меѓутоа се покажа дека, во двата четиричасовни периоди кога немаше забрана, се создаваа големи гужви, нарочито во продавниците, што се оцени како голема опасност од ширење на епидемијата.

Покрај оваа, Владата денеска донесе и одлука за забрана на движење на граѓаните во отворени грдски зони (плоштади), освен за жителите на тие зони и персоналот овластен од страна на надлежните власти.

За аптеките е одредено работно време од шест до 17 часот, а вон овие термини нивната работа ќе се организира преку дежурства, кои ќе ги регулира Министерството за здравство во соработка со Комората на аптекари на Косово и локалните власти.

Во Косово, заклучно со вчерашниот ден, се регистрирани 88 заразени од вирусот Ковид-19. Според здравствените власти, еден од заразените е излечен, а претходно беше забележан и еден смртен случај.

Треба да знаете
Последни објави