Search

Новинарските здруженија на Хонг Конг со критика за новите правила за акредитација

Здружението на новинари на Хонг Конг (ХКЈА) денеска одржа прес-конференција заедно со синдикатите и другите медиумски асоцијации, доведувајќи го во прашање новото правило за акредитација на новинарите во градот, јави ДПА.

Со новите упатства, според кои се укинаа акредитациите на ХКЈА и Асоцијацијата на фотографи на Хонг Конг (ХКППА), полицијата в градот сака да се обиде да ги ограничи „лажните репортери” на јавните настани, поточно на протести, и да им се скрати правото на известување на студентите новинари и на слободните новинари (freelancers).

Полицијата во вторникот испрати писмо до четири клучни медиумски здруженија во Хонг Конг, во кои ги извести за одлуката, наидувајќи на силна медиумска реакција.

Новинарите кои не можат да се регистрираат според новиот правилник, може да се соочат со ограничувања и казни кога ќе работат на терен. Тие сега се соочуваат со исклучување од покривање на прес-конференции, па дури и ризикуваат апсење доколку известуваат без новото одбрение од владата.

Целата медиумска индустрија во Хонг Конг вчера многу критички изреагира на новите правила, додава ДПА.

Клубот за странски дописници, кој со соопштение „силно се спротивстави на развојот на настаните”, доби писмена опомена од кинеското Министерство за надворешни работи во Хонг Конг, кое им порача „да престанат да се мешаат во работите на Хонг Конг”.

Треба да знаете
Последни објави