Search

Нова герила акција: Со табли маркирани 30 ѓубришта и депонии

Во нова герила акција наменета за поддршка на иницијативите кои се борат за справување со ѓубрето и ѓубриштата, во изминатите 10 дена, со пригодни табли беа маркирани 30-тина ѓубришта и депонии во Скопскиот, Полошкиот, Кичевско-Охридско-Струшкиот и други региони низ Македонија.

Во рамките на акцијата за прогласување на депониите и ѓубриштата за автентично културно наследство посетени се над 200 депонии низ цела Македонија.

„Според сознанијата до кои дојдовме при подготовката на оваа акција на територијата на Македонија обитуваат преку 300 диви депонии и скоро 6 пати повеќе, односно над 1500 диви селски буништа и ѓубришта. Како најзагрозени и најбогати со депонии и ѓубришта можеме да ги посочиме Полошкиот регион, а зад него се Скопскиот и Кумановскиот регион, иако ниту еден регион не заостанува значително. Интересен е факот дека најголемото ѓубриште е долго преку 30 километри и се наоѓа по двата брега на течението на Вардар од Гостивар до Јегуновце, каде практично куповите ѓубре, шут, стар мебел и отпад, циклично се редат преку 30 километри, а најголемата раздалечина без ѓубре на овој терен е неполн километар“.

Фотографиите со детални локации од над 50 диви депонии и ѓубришта кои беа опфатени во оваа акција ќе бидат испратени и до надлежните во министерството за екологија.

Акцијаат е дел од проектот Креативни заедници на Центарот за современи уметности (ЦСУ) – Скопје, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Текст од таблите Споменик на ѓубрето од прва категорија Ѓубриште бр. 0236, Категорија II – делумно загрозено Одлука за заштита бр. 12-34-7689 на интервладиното тело за заштита на ѓубришта и депонии. Депонијата е под заштита на законот како дел од движното а недвижно културно, историско и општествено наследство на Македонија.

Според преданието депонијата ја подигна Петко од Трајкота од долно маало ко ја рушеше плевната и ја реновираше ќуќата, со срдечна помош на брат му Ѕоне, неговиот баџанак Диљо и нивните комшии и пријатели. Според науката пак истата е во почетокот на 21-от век од страна не непознат неимар од околната населба а за нејзиното одржување и развивање се грижат граѓаните и селаните од околината како и надлежните инспекторати. Депонијата/ѓубриштето е дел од 1176-те диви депонии во Македонија, подигнати од граѓаните на Република Македонија како дел од проектот: Македо-депонија – Диво ѓубриште за секое село и град!

Треба да знаете
Последни објави