Search

Невладините бараат Реџепи да им се извини на геј луѓето

Мрежата за заштита од дискриминација и Националната мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата ја осудуваат изјавата на поглаварот на Исламската верска заедница (ИВЗ). Oткако Скендер Бузаку на Сулејман Реџепи му постави ултиматум од 72 часа да се тргне од ИВЗ и да се повлече од функцијата за да не објави докази за негови криминали, одговара дека во Исламската верска заедница нема место за „гејови“ и дека тие треба да бидат надвор од неа.
Го потсетуваме г. Реџепи дека како поглавар на верска заедница, треба да знае дека секој, па и ЛГБТИ луѓето и другите категории луѓе што не му се допаѓаат на него, има право слободно и јавно, поединечно или во заедница со други, да ја практикува својата вера. Со оглед на тоа што изјавата е јавно искажана, таа носи штетни последици за геј-луѓето кои и онака се наоѓаат на маргините во нашето општество и секојдневно се соочуваат со исклучувања во речиси сите аспекти на живеењето. Верското убедување на Сулејман Реџепи не го ослободува од обврските што тој како граѓанин ги има според Уставот, од законите и од другите прописи, што подразбира дека треба да ги почитува основните права и на геј-луѓето, помеѓу кои и заштитата од дискриминација и вознемирување врз основа на сексуална оринетација и родов идентитет.
Ја повикуваме и Исламската верска заедница, преку своите органи на надзор, да поведе постапка за утврдување на одговорност на поглаварот на ИВЗ, Сулејман Реџепи, за сторената дискриминација по основ на сексуална ориентација.
Исламската верска заедница, но и други верски заедници, интензивно се застапуваат против правата на ЛГБТИ луѓето, шират говор на омраза, демонизирање и стигматизирање на сексуалните и родовите малцинства. Затоа, јавно ги повикуваме верските заедници да го преиспитаат своето делување и ставови во однос на ЛГБТИ луѓето.
Иако во повеќето религии може да се најдат текстови и вредности кои повикуваат на еднаквост и емпатија, поглаварите на тукашните верски заедници одбираат да ја толкуваат религијата како барање за прекршување на правата на ЛГБТИ луѓето. Ова однесување нема никаква врска со нивната слобода на вероисповест, туку претставува злоупотреба на религијата за одржување на статус кво, одржување и проширување на нивната моќ на сметка на маргинализираните групи. Ова се нарекува религиски фундаментализам и за него нема простор во демократско општество.
Го повикуваме поглаварот на ИВЗ, Сулејман Реџепи, јавно да им се извини на геј-луѓето и во иднина да се воздржи од вознемирување по која било дискриминаторска основа.

 

Треба да знаете
Последни објави