Search

Најмалку 30 загинати во новиот бран протести во Ирак

Најмалку 30 лица погинаа во новиот бран протести ширум Ирак, кога полицијата отвори оган за да ги растера демонстрантите, соопшти полуофицијалната ирачка Висока комисија за човекови права.

Американските медиуми пренесуваат дека десетици илјади лица, главно млади и невработени мажи, ги преплавија плоштадите и ги блокира улиците на Багдад, протестирајќи поради тешката економска ситуација и лошто работење на јавните служби.

Немири имаше и во Насирија, Амара, Самави и уште неколку ирачки градови.

Високо рангиран ирачки безбедносен претставник изјави дека демонстрантите во Багдад погинале кога силите за безбедност врз нив испукале боева муниција во обид да ги растераат. Тој додаде дека полицијата против демонстрантите употребила и солзавец и гумени куршуми.

До насилство во Насирија дошло кога ирачката шиитска милитантна група Асаиб Ал ал-Хак отворила оган врз група демонстранти кои се обидувале да влезат во нејзината локална канцеларија, додека во јужниот град Амара учесниците во протестот се обиделе да влезат во канцелариите на локалната милиција.

Демонстрантите ги запалиле канцелариите на шиитската политичка партија и шиитската милиција во јужната ирачка провинција Мутана, соопшти полицијата. Исто така се запалени и канцелариите на движењето Хикма и Асаин Ал ал-Хак во градот Самава.

Протестите против корупцијата, невработеноста и недостигот на основни услуги, што избија на почетокот на месецот, станаа насилни откако безбедносните сили почнаа да користат боева муниција.

По еднонеделното насилство во престолнината на Ирак и јужните делови на земјата, со владина истрага е утврдено дека силите за безбедност користеле прекумерна сила, усмртувајќи 149 лица и ранувајќи повеќе од 3.000. Во немирите се убиени и осум припадници на безбедносните сили.

Треба да знаете
Последни објави