Search

Напаѓачот во Стразбур викал „Алаху акбар“, потврди француски обвинител

Човекот кој е осомничен за вооружениот напад на божиќен панаѓур во Стразбур во вторникот вечерта извикувал „Алаху акбар“ (Бог е голем) додека пукал, изјави денеска парискиот обвинител Реми Хајц.

„Со оглед на целта на нападот, неговиот начин на дејствување, неговиот профил и сведочењето на оние што го слушнале како вика ‘Алаху aкбар’, антитерористичката полиција е повикана на акција“, изјави тој за новинарите, а пренесе агенцијата „Ројтерс“.

Властите во Франција го идентификуваа напаѓачот како 29-годишниот Шериф Чекат и во тек е потрага по него, а според некои информации, можеби побегнал и во Германија.

Француски официјален претставник изјави дека напаѓачот ѝ бил познат на полицијата за голем број кривични дела што не се поврзани со тероризам, но додаде дека разузнавачките служби почнале да го следат човекот откако било забележано дека религиозно се радикализирал, иако никогаш не покажал знаци дека ќе го демонстрира тоа на дело и дека ќе изврши напад.

Во вчерашниот вооружен напад во Стразбур загинаа најмалку тројца луѓе, а 15 се повредeни.

Треба да знаете
Последни објави