Search

МОСТ:Собранието е потранспарентно, но потребни се дополнителни подобрувања за поквалитетни процеси

Во организација на Граѓанска асоцијација МОСТ, се одржа конференција на тема „Транспарентноста на Собранието како предуслов за вклученост на граѓаните – Добри практики од граѓанските организации од Велика Британија“.

Целта на настанот беше да се дискутира за транспарентноста и вклученоста на засегнатите страни во работата на Собранието и комисиите, евентуалните подобрувања или влошувања и да се дадат препораки за понатамошната работа на Собранието. На конференцијата беа презентирани резултатите од сумарниот извештај од Индексот на одговорност, транспарентност и продуктивност на Собранието за 2017 и 2018 година, подготвен од страна на МОСТ во рамките на истоимениот проект. Во рамките на конференцијата исто така беа презентирани искуства од граѓанските организации од Велика Британија во однос на нивниот придонес во зголемувањето на транспарентноста на британскиот парламент.

На настанот присуствуваа и говореа претседателот на Собранието, британската амбасадорка, пратеници во Собранието, претставници на меѓународната заедница, како и претставници на институции и граѓанскиот сектор.

Претседателот на Собранието,Талат Џафери, при отварањето на конференцијата истакна: ,,Верувам сите се согласуваме дека без вистинска транспарентност, нема ниту вистинско Собрание, ниту вистинска парламентарна демократија. За да се достигне високо ниво на транспарентност во работењето на Собранието потребни се повеќе предуслови. Од конкретна нормативна рамка па се до високо развиено чувство за одговорност, како и соодветна политичка култура на сите нас кои сме вклучени во остварувањето на основните функции на секој парламент а тоа се донесување на квалитетни закони, потоа надзорната функција и секако претставничката димензија„.

Британската амбасадорка Рејчел Галовеј истакна: „Конференцијата денес е одлична можност на едно место да се соберат претседателот на Собранието, пратениците и собраниските служби, кои заедно со граѓанскиот сектор може да дискутираат за работата на Парламентот, за тоа што било добро во однос на транспарентноста и отчетноста, а што може да се подобри. Парламентот е огледало на општеството. Неговата различност ја претставува различноста на општеството, место за битка на политичките идеи. Исто како што ги гледаме дебатите во Парламентот на Обединетото Кралство. Парламентот има одговорност за политичкиот дијалог во земјата, за квалитетот на законите кои се носат и ги поставува стандардите на политичката култура“.

Во текот на дискусијата учесниците посочија дека транспарентноста на Собранието за 2018 година е зголемена во споредба со 2017 година, а посебно во однос на 2016 година. Сепак, има делови од процесот кои заслужуваат внимание и политичка волја која е неопходна за суштински промени. Конференцијата беше организирана во рамки на проектот „Индекс на одговорност, транспарентност и продуктивност на Собранието“, кој Граѓанската асоцијација МОСТ започна да го имплементира во јуни 2018 година, а е поддржан од Британска амбасада Скопје.

Треба да знаете
Последни објави