Search

Мицкоски: Сакаме да се консултираме со стопанските комори и да ги презентираме нашите економски политики

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска одржа средба со Стопанската комора на северозападна Македонија при што се заблагодари за дадената можност ВМРО-ДПМНЕ да престави дел од оние политики што ги има во партиската програма, која што, како што рече, опозициската партија ќе ја објавува чекор по чекор во периодот кој следи.

Мицкоски посочи дека целосната содржина на програмата ќе биде објавена пред моментот кога во земјава ќе има предвремени или редовни парламентарни избори.

„Ние сакаме да се консултираме со коморите. Сакаме да ги поддржиме сите оние иницијативи кои што доаѓаат од страна на коморите во Република Македонија. Се разбира кои што значат подобрување на економскиот амбиент во Република Македонија, кои што значат подобрување на животните услови на сите граѓани во Република Македонија, додадена вредност во квалитетот на нивниот живот“, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Пред почетокот на средбата тој истакна дека на неа ќе го престави гледиштето на партијата околу актуелните политики во економијата на моменталната влада.

„Ниското ниво на капиталните инвестиции во Република Македонија вчера слушнавме премиерот како се фалеше во Собранието на Република Македонија на високото ниво на директни странски инвестиции. Еве денеска стигна демант од страна на НБРМ каде што во третиот квартал не само што немаме директни странски инвестиции туку имаме и негативен биланс од 6 милиони евра така што Македонија ја става во групата на дното закована на држави каде што не постои никаква атрактивност за привлекување на директни странски, но исто така тоа ќе повлече и намалување на инвестициската активност и на домашните компании впрочем“, истакна Мицкоски пред средбата.

Тој констатираше дека во Република Македонија во моментов има еден комплетно лош амбиент, но според него, она што е пострашно дека не се гледаме визија како понатаму ќе се развива, бидејќи нема проекти на среден и долг рок.

Треба да знаете
Последни објави