Search

Мицкоски: На 15 јули победува Проект Обнова, доаѓаат најдобрите четири години за Македонија, доста беа порази и срам

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва од Кичево порача  дека пред 30 месеци многумина барале ВМРО-ДПМНЕ да настапува жестоко, се наведува во партиското соопштение.

Мицкоски рече дека пред 30 месеци многумина барале ВМРО-ДПМНЕ да настапува жестоко и додаде „во тоа време ни велеа многу сте млаки, ама пусто како да кажеш на глас што мислиш и што ќе направиш, но како велат критика од блиски не боли, може да те направи само похрабар во чекорите“.

„И така чекор по чекор дојдовме до овој 15 јули, за само 30 месеци успеавме да урнеме ваква ненародна власт. Две недели не делат до рекордна историска победа, до победа која ќе ја направи Македонија исправена, до победа на европска Македонија, богата Македонија, Македонија мајка за сите. Тоа е Македонија која ќе ја добиеме по 15 јули, а потоа да ги засукаме ракавите и да ја обновиве зошто во пепел ќе ја најдеме. Да се обединиме сите, сме се спротивставувале и на многу поброен и помоќен противник од СДСМ. На 15 јули рано наутро да го заокружиме број 14, да заокружиме за маестро Дурловски, сакам дома, почитуван надвор. Многумина ќе ви велат тоа е невозможно, тоа ќе ви го велат вечни песимисти, но тоа може само да ве мотивира зошто и кога е најтешко човек треба да е најхрабар“, рече Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека ова е можеби одлучувачкиот момент, иако се ова најнеобични избори поради она што ни се случи, а тоа е пандемијата со корона. Но, како што рече поминавме лошо поради некомпетентноста и таа трае подолго кај нас поради неспособноста на власта.

„Затоа сме на дното во регионот и Европа. Џабе безвизен режим и се што правевме затворени сме. На 15 јули да се заштитиме и да излеземе да ја поддржиме Македонија. Затоа сакам да ви порачам дека деновиве некој од СДСМ ќе дојде и ако собере храброст ќе ве убедува дека може. Да, можеа, но тоа е минато завршено време. А да за три години можеа многу да направат, да направат многу подостоинствен живот, да донесат правда, а тие ја опустошија Македонија, ја опљачкаа, гледаме само криминал и корупција на сите страни, а можеа да ја направат Македонија пристојно место за живеење а тие не засрамија, не засрамија сите“, кажа Мицкоски.

Мицкоски укажа дека ветуваа 30 илјади просек плата, повисоки пензии, подобар стандард, многу инвестиции како македонски така и странски, но и дека ќе донесат правда и мир.

“Од правдата само донесоа по некое куферче Луј Вутон во обвинителството и трас-трас пресуди во судството. Донесоа многу немир кај многу семејства. Тие кога се колнат во жицата и во најмилото и ветуваат, прават спротивно од тоа што го говорат. И можеби ќе ви дадат пакет, но тој е од ваши пари, кои ви ги украдоа. Затоа на 15 јули да зборуваме гласно зад гласачката кутија и да ја обновиме Македонија, да не не уценуваат ни треба историски резултат. Секаде се чувствува голема победа, победа на правдата над неправдата, на чесноста врз нечесност“, посочи Мицкоски.

Тој рече дека на 15 јули победува Проект Обнова и додаде „победува нашата читанка и доаѓаат најдобрите 4 години, доста беа порази, срам, доаѓа време кога ќе работиме ќе бидеме горди“.

Според него прва лекција на ВМРО-ДПМНЕ е да се биде со народот за да се слуша и да се реализираа тоа што им треба на граѓаните, затоа што противникот СДСМ нема програма, тие само лажат и се борат за себе, не за граѓаните.

„Во читанката Проект Обнова се вели и тоа ќе се реализира за 25 проценти зголемена плата, за 20 проценти поголеми пензии, минимум 4 милијарди евра домашни и странски инвестиции, за бизнисмените најнизок данок од 8 проценти, ја напуштаме методологијата за прогресивен данок. Кога го пишувавме делот за правото и правдата внимававме да го ослободиме Луј Вутон обвинителството и трас-трас судството“, рече Мицкоски.

На крајот во обраќањето пред граѓаните,лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, повика на 15 јули да се гласа за Македонија, да се гласа за обнова на Македонија, да се гласа за маестро Дурловски.

 

Треба да знаете
Последни објави