Search

Мицкоски: Математички може да докажам дека ќе бидеме подобра власт од оваа на Заев

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска оствари средба со членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ во Крушево, каде говореше за актуелната политичка состојба како и за штетните економски политики кои, како што рече, ги спроведува владата на СДСМ и Зоран Заев.

Како што информираат од неговата партија, Мицкоски пред граѓаните посочил дека со најавеното зголемување на даноците нема да се опфатат само најбогатите, туку власта ќе удри по џебот на сите граѓани.

-Нема да ветуваме дека имаме 500 евра плата, но ќе покажеме методологија каде што ќе покажеме дека можеме да дојдеме до 500 евра плата. Нема да ветуваме дека сите пари ќе бидат кај граѓаните, а од друга страна ќе воведуваме нови поголеми даноци да им ги земеме назад тие пари, туку ќе ветиме достоинствен живот за сите граѓани онаков каков што сега го нема и тоа ќе го ветиме и ќе го направиме уште во првиот мандат, а потоа граѓаните нека судат, истакнал Мицкоски.

Тој додал дека ситуацијата во државата од ден на ден станува се поалармантна и позагрижувачка за граѓаните, односно како што рекол, власта со неподнослива ароганција се фали дека поскапува лебот ама само најевтиниот леб, како да граѓаните претходно купувале само најскап.

-Алармантна е ситуацијата, ја губиме државата. Заев бега од дебата само поради тоа што е свесен за својата неспособност, неработа и негрижа за решавање на реалните проблеми за обезбедување на квалитетен и достоен живот за граѓаните на Република Македонија, истакнал лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски рекол и дека е подготвен да дебатира секаде – на било кој медиум, да одговари на било кои прашања и да се докажува и математички ако треба за сето тоа што го ветува.

Треба да знаете
Последни објави