Search

Мицкоски: Курбан Бајрам ги истакнува меѓусебното почитување и разбирање

Почитувани верници од исламска вероисповед, дозволете ми во мое лично име и од име на ВМРО-ДПМНЕ да ви го честитам празникот Курбан Бајрам, се вели во соопштението на претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Ова е празник кој ги потенцира човечките вредности и  кој не учи на  солидарност, хуманост и заедништво. Воедно, Курбан Бајрам ги истакнува меѓусебното почитување и разбирање и не обединува во стремежот за градење на заеднички живот и просперитет во нашата држава.

Република Македонија има вековна традиција на соживот, толеранција и помагање помеѓу различните верски групи. Тоа се вредностите кои ние мора да им ги пренесеме и оставиме на идните генерации, бидејќи само така ќе продолжиме да градиме благосостојба,  но и напредок во нашето општество.

Во овие тешки моменти и предизвици со кои се соочува нашата држава сите граѓани подеднакво ги чувствуваат последиците од неспособноста, алчноста, расипништвото, лагите и нереализираните ветувања и очекувања. Наместо проекти кои ќе го подобрат животот и стандардот на граѓаните,  секојдневно гледаме криминал, корупција, понижување и погазување на достоинството на секој еден граѓанин на Република Македонија.

Токму затоа неопходно е да се почитуваме и помагаме,  и заеднички и обединети да упатиме порака дека потребно е создавање на праведна држава која подеднакво ќе ги почитува своите граѓани и ќе креира можности за напредок за доброто на нас и на нашите идни генерации.

Нека  годинешното празнување на Курбан Бајрам ви помине во спокој, мир и хармонија  и ви донесе среќа и радост кои ќе ве следат целиот живот, Вас и вашите семејства.

 

 

 

 

 

Треба да знаете
Последни објави