Search

Мицковски им го честита Националниот празник на Власите

Почитувани сограѓани, припадници на влашката етничка заедница, Дозволете во мое лично име и во име на партијата ВМРО-ДПМНЕ да ви го честитам 23 мај, Националниот празник на Власите.

Власите во Македонија се нераскинлив дел од македонската нација и македонската историја кои низ вековите наназад придонесувале за нашата Татковина, за нејзината изградба и просперитет,  што несомнено е влог и за нејзината иднина. Влашката етничка заедница во Македонија и целата нивна култура, традиција, фолклор и јазик се значаен сегмент од богатството на македонското општество, кое било и ќе биде втемелено на меѓусебното разбирање и взаемна почит како вековни принципи по кои живееме на овие простори.

Придонесот на Власите во Македонија е вреднуван и должен за почит. Тоа е основата на нашата заедничка борба за подобра иднина на сите наши деца да продолжи во борба за напредна и европска Македонија како правна држава со подеднакви можности за сите нејзини граѓани, но пред се перспективна и економски развиена.

Власите денес, исто како и сите наши сограѓани ја споделуваат тешката судбина на мачното секојдневие исполнето со неизвесност, несигурност и нарушен стандард. Денес живееме во поделено општество каде разликите во стандардот, поларизацијата, конфликтноста и неправдите стануваат кочница за напредокот. Имаме ерозија на вредносниот систем, а власта нема чувство за основните потреби на поединецот. Криминалот и корупцијата ја одземаат перспективата и го разјадуваат општеството. Ова мора да се смени, а тоа зависи од сите нас.

Нашиот сон може да биде вистина само со посветеност, работа и заедништво, бидејќи тоа е единствената гаранција за подобро утре на сите во Македонија, вклучително и за Власите.

Нека е честит и вековит 23 мај, Националниот празник на Власите. Нека е вечна Македонија!

Треба да знаете
Последни објави