Search

Министерството за култура донесе критериуми, процедури и рокови за распределба на капитална дотација за инвестициони проекти во областа на културата за 2019 година

Министерството за култура во печатените медиуми и на својата веб-страница ги објави критериумите, роковите и процедурите за распределба на капиталните дотации за општините во областа на културата за 2019 година и преку ЗЕЛС и средствата за јавно информирање, во функција на транспарентност на објавата, ќе ги информира сите општини во Република Северна Македонија.

Критериумите, процедурите и роковите за распределба на капитална дотација за инвестициони проекти во областа на културата за 2019 година се достапни на следниот линк: http://kultura.gov.mk/kriteriumi-proceduri-i-rokovi-za-raspredelba-na-kapitalna-dotacija-za-investicioni-proekti-vo-oblasta-na-kulturata-za-2019-godina.

Во согласност со член 11 став 4 од Законот за културата, министерот за култура ќе формира комисија која ќе изврши проверка, селекција и ќе даде предлог за избор на проекти за користење капитални дотации во областа на културата за 2019 година. На предлог од комисијата, министерот за култура ќе изврши избор на проектите за користење средства за капитални дотации во областа на културата и за нив ќе биде подготвена предлог-програма за финансирање, која ќе биде доставена до Владата на Репулика Северна Македонија за нејзино донесување.

Владата на Република Северна Македонија, во согласност со член 11 став 1 од Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, ја донесува програмата за користење капитални дотации преку финансирање инвестициони проекти во областа на културата. По донесувањето на програмата од страна на Владата на Република Северна Македонија, Министерството за култура ќе додели договори со кои ќе бидат регулирани правата и обврските на Министерството за култура и на единицата на локалната самоуправа корисник на средствата за капитални дотации во областа на културата за 2019 година.  Рокот за пријавување на единиците на локалната самоуправа за користење капитални дотации за финансирање проекти за капитални инвестициони проекти во областа на културата за 2019 година е до 31 мај 2019 година. За поднесување пријава за користење капитални дотации во областа на културата не е пропишан посебен образец на пријава. Заинтересираните единици на локалната самоуправа ја доставуваат пријавата, заедно со придружната документација за исполнување на предвидените критериуми од оваа објава, на свој образец – меморандум во писарницата на Министерството за култура. Реализацијата на капиталните инвестициони проекти од страна на општината ќе биде најдоцна до 15 декември 2019 година.

Треба да знаете
Последни објави