Search

Министерот Исмаили на свеченото затворање на „Охридско лето“

Министерот за култура Хусни Исмаили синоќа во Охрид присуствуваше на свеченото затворање на 59-то издание на фестивалот „Охридско лето“ во чии рамки беше прикажана претставата „Одисеј“ од  Горан Стефановски, во режија на Александар Поповски.

Претставата, чија изведба наиде на одличен прием кај многубројната публика, е во копродукција на повеќе театри од регионот: „Гавела“ од Загреб, Театар „Улисис“ од Бриони, Српски народен театар од Нови Сад, СНГ Драма од Марибор, „Ателје 212“ од Белград, Стериин Театар и Театар „Навигатор“ од Скопје.

Драматург на претставата е Дора Делбјанко, сценографијата е дело на НУМЕН и Ивана Раденовиќ, костимите ги изработи Марита Ќопо, а автори на музиката се „Фолтин“.

Во претставата настапија: Oзрен Грабариќ, Aнита Манчиќ, Бранко Јордан, Наташа Матјашец Рошкер, Светозар Цветковиќ, Борис Исаковиќ, Jасна Џуричиќ, Дијана  Видушин, Фрањо Дијак, како и македонскиот актер Никола  Ристановски.

На годинашното издание на фестивалот „Охридско лето“  беше презентирана богата и квалитетна уметничка понуда со врвни домашни уметници, но бројни уметници и изведувачи од Италија, Австрија, Русија, Бугарија, Германија, Чешка, Словенија, Албанија, Норвешка, Хрватска, Франција, Србија, Косово, Финска и други земји.

На сцената на Античкиот театар, во предворјето на црквата „Св. Софија”, во црквата „Св. Софија”, на Долни Сарај и во Центарот за култура се одржаа 50-тина настани од областа на музичката, драмската, ликовната дејност. На свеченото отворање на фестивалот  гостуваше мега-популарната виолинистка, светски славната Британка Ванеса Меј, која настапи со оркестарот на Филхармонијата и вокалните солисти од Националната опера и балет под диригентската палка на маестро Иван Кожухаров.

Треба да знаете
Последни објави