Search

Милевски: Беровчани добиваат комплетно нова и уредена пешачко-велосипедска патека крај реката Брегалница

 Во рамки на проектот „Збогатување на туристичката понуда со изградба, уредување и осветлување на пешачко-велосипедска патека на река Брегалница во Берово“, изградена и уредена е пешачко-велосипедска патека од 1.050 метри, ново детско игралиште со урбана опрема од 100 м2, клупи за одмор и корпи за отпадоци, осветлена патека со енергетски ефикасни ЛЕД светилки како и комплетно реконструиран пешачки мост на реката Брегалница. Проектот е финансиран од Министерство за локална самоуправа во висина од 6.197.173 денари во соработка со општина Берово која овозможи 1.002.983 денари.

„Министерството за локална самоуправа за овој проект вложи 86 отсто од средствата, а со тоа сакаме да потенцираме дека и понатаму ќе се трудиме општините да имаат урбан простор за квалитетен живот на граѓаните,  но да биде атрактивен и за туристите. Берово е град што е препознатлив по вкусната органска храна, изобилува со зеленило и чист воздух. Исто така, денеска со особено задоволство  сакаме да потенцираме дека го уредивме и речното корито на река Брегалница за сума од 7.200.156 денари“ истакна Горан Милевски, министер за локална самоуправа.

Берово е општина со голем развоен потенцијал, препознатлива е како атрактивна туристичка дестинација за спортско-рекреативниот туризам  која има влијание на развојот на целиот овој регион.

„Горди сме на градот Берово. Ние како општина и понатаму ќе ги промовираме убавините на Берово и ќе овозможиме на нашите сограѓани поквалитетен живот и услови за развој на руралниот туризам. Благодарност до Министерството за поддршката и за целокупната инвестиција која е од особено значење. Сепак, ние како општина одвоивме дел од средства кои се значајни за иднината на овој град“ додава градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски.

Со овие два проекти се зголемува конкурентскиот капацитет на Берово и на овој регион по течението на реката Брегалница. Ова е еден од 11-те проекти што оваа година ги финансираше Министерството за локална самоуправа во Источниот плански регион во вкупна вредност од 42,2 милиони денари. Проектите се во функција на развој на планскиот регион, но и за развој на селата и на подрачјата со специфични развојни потреби.

„Средствата во Буџетот за 2020 година,  во програмата Рамномерен регионален развој се зголемени за околу 1 милион евра, вкупно се скоро 8 милиони евра. Лично очекував и се залагав за повеќе средства, но важно е дека успеавме да го задржиме трендот на зголемување“ додаде Милевски.

На седницата на Советот за развој на Источниот плански регион одржана во Виница, Планскиот регион ги утврди приоритетните проекти за развој на регионот, со кои што ќе аплицира за средства од Буџетот на државата за наредната година. Со тоа ќе се зголемат ефектите со реализација на поголеми проекти, за 2020 година како посебен критериум е воведен минимум вредност од 6 милиони денари за проектите за развој на планските региони, со исклучок на Скопскиот, кој е најразвиен, каде минимумот е 4 милиони денари.

 

Треба да знаете
Последни објави