Search

Меѓународен форум за креативно културно претприемништво

Унијата на македонските професионални асоцијации во креативните индустрии (УМПАКИ), денеска и утре организира прв Меѓународен форум за креативно културно претприемништво.
Станува збор за настан во кој ќе се промовира креативното претприемништво, ќе се едуцираат учесниците за креативното претприемништво преку интерактивни работилници и ќе се вмрежуваат учесниците со можност за идни партнерства. Поради околностите, настанот ќе се одржува комбинирано со физичко присуство, но и со виртуелно присуство и стриминг во живо.
Дводневната програма ја сочинуваат две форум-дискусии, работилница, една сесија на брзи состаноци („Speed dating”) и две сесии во кои ќе се споделат успешни и добри практики на креативно претприемништво од земјава.
За денеска се предвидени дискусии на теми „Креативните индустрии во време на Ковид-19 и важноста на културното креативно претприемништво за земјите од Западен Балкан” и „Европските практики и предизвици во креативните индустрии и културно креативното претприемништво”.
Преку онлајн-платформата ќе говорат повеќе домашни и странски гости – претставници од партнерската организација КЕА од Брисел за промоција на креативното културно претприемништво и креативната индустрија, но и експерти кои имаат искуство и продлабочени знаења на темата креативно претприемништво од повеќе земји од соседството и од Европа.
Ќе бидат претстацени и успешни практики во креативните индустрии од млади претприемачи од земјава.
За утре е најавена работилницата на КЕА што ќе се фокусира на одржување на креативниот екосистем низ Европа, како и пристап до финансии и креативни бизниси – како да се артикулираат различни извори на финансирање и како да се мешаат јавно и приватно финансирање.
– Преку форумот очекуваме дека ќе се зголеми интересот кај креаторите на политики и останатите клучни засегнати страни за вложување поголеми ресурси и инвестирање во политики и фондови кои би ги поттикнале младите лица кои дејствуваат во областа на културата и креативните индустрии да ги поврзуваат своите ресурси и таленти, а со тоа и директно ќе го применат моделот на креативно претприемништво. Ова ќе влијае директно и во полза на државата при креирање и хармонизација на националните стратегии и акциски планови во насока на културата и економијата.

Форумот се реализира со поддршка од Министерството за култура на РС Македонија, наведуваат од УМПАКИ.

Треба да знаете
Последни објави