Search

МЕФ 2019: Логично е јагленот за се замени со природен гас

Новите и постоечките гасоводни рути, кризата меѓу Украина и Русија и влијанието врз регионот, предностите на природниот гас и искуствата во однос на другите флуиди, развој на алтернативни системи, како и природниот гас и целите на одржлив развој на Обединетите нации, беа тема на третиот панел на Македонскиот енергетски форум 2019 (МЕФ 2019) што денеска се одржува во струшкиот хотел Изгрев.

На панелот насловен „Регионални предизвици во снабдувањето со природен гас” под модераторство на Митко Андреевски, советникот за енергетика во Кабинетот на премиерот, стана збор и за трговијата со природен гас во регионот, како и за снабдувањето со гас на регионот и во Европа и можностите и новите алтернативи. Се разговараше и за гасните коридори на Грција со соседите и капацитетите на грчкиот систем за природен гас и можностите за нивно користење во регионот.

Џеси Скот, вишиот советник на Агора Енергиевенде од Берлин нагласи дека е логично јагленот во Северна Македонија да се замени со природен гас.

-Доколку тоа го направите во РЕК Битола во парните котли што ги имате тоа за половина ќе ви ги намали емисиите на гасови и ќе бидете на подобро ниво од европското, посочи Скот.

Ростислав Палагусинец, првиот секретар на Украинската амбасада во Скопје порача дека по инвазијата на Крим од Русија, Украина била принудена драстично да го намали користењето на природен гас.

-Успеавме да ја редуцираме употребата на гас за 50 отсто преку намалување на потрошувачката, зголемување на сопственото производство на гас, целосно укинување на увозот на гас од Русија и пренасчување на увоз од западно европските земји, но и преку зголемување на енергетската ефикасност на домовите, рече Палагустинец.

Тој посочи дека од 2020 година транзит преку украинскиот гасовод ќе биде три до четири пати поевтин отколку преку руските гасоводи кои сега се градат како Северен тек два и Турски тек.

Дан Милстајн, директорот на Европската канцеларија  на Оделот за енергија на Министерството за енергија  на САД ја истакна предноста на ЛНГ горивото кое може да се носи со брод и не е потребно да има изградено гасовод за негово користење.

-Втечнетиот природен гас или ЛНГ веќе се користи како погонско гориво за бродовите и за камионите. Најблиската станица за ЛНГ е во Љубљана и не е толку далеку од вас. Размислете за загревање на домовите со ЛНГ, бидејќи може да се носи со камиони и не е потребно да се градат големи резервоари за негово чување. Северна Македонија моментно се снабдува само од еден гасовод и доколку Русија го блокира може да има проблем затоа разгледајте ги сите алтернативи, рече Милстајн.

Порача дека дури и РЕК Битола може да работи на ЛНГ.

Сотирис Никас, извршен директор на ДЕСФА, грчкиот оператор со гас посочи дека Грција има три конекции едната со Бугарија, едната со Турција, а третата е терминалот за ЛНГ „Ревитуса” каде од неодамна се носи американски течен гас со бродови.

-Во иднина би требало да направиме уште три од кои едната би требало да биде со Северна Македонија. Дизајнот е во тек во двете земји и активностите за градба би требало да започнат во јуни 2021 година, рече Никас.

Грција, додаде, се надева на европски пари за реализација на интерконекцјата, а кај вас веќе 99 отсто од парите се обезбедени. Како опција погодна за земјава покрај интерконентивното поврзување ја посочи и изградбата на станица за утовар на камиони во Ревитуса.

Бранко Миличевиќ од УНЕЦЕ посочи дека ОН зборува за енергија за одржлив развој, а гасот е добра опција за тоа бидејќи не произведува јаглероден диоксид.

Треба да знаете
Последни објави