Search

Махмуд Абас: Палестина се повлекува од сите договори со Израел и со САД

Претседателот на Палестинската самоуправа, Махмуд Абас, соопшти дека неговата земја ќе ги прекине сите договори со Израел и САД поради плановите за анексија на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, пренесува РТ.

„Палестинската ослободителна организација и државата Палестина се ослободени од сите договори и разбирања со американската и израелската влада и на сите обврски засновани врз овие сфаќања и спогодби, вклучително и безбедносните“, рече Абас на лидерската средба во Рамалах.

Најавата доаѓа како одговор на плановите на Нетанјаху за анексија на еврејските населби на Западниот Брег, кои беа наведени во ‘договорот на векот’, предложен од американскиот претседател Доналд Трамп и објавен во јануари.

Абас јасно стави до знаење дека го гледа Израел како окупаторска сила кога станува збор за Западниот Брег.

„Израелската окупаторска власт сега мора да ги носи сите свои обврски како окупаторска моќ на палестинските територии. Таа мора да ги сноси сите последици, а меѓународното хуманитарно право и Женевската конвенција исто така и наметнуваат на окупаторската власт одговорност да се грижи за жителите кои се под окупација“, рече Абас.

Меѓу договорите што Палестинската самоуправа ги смета за ништовни се Спогодбите од Осло (1993), Договорот за Хеброн (1997) и Договорот за реката Виј (1998), со кои се воспоставија безбедносни параметри помеѓу Палестинската самоуправа и Израел на Западниот Брег.

Абас го задржа обвинувачкиот тон и за САД, нарекувајќи ги клучен партнер на Израел и рече дека ѝ ја префрла целосната одговорност на администрацијата на Трамп за окупацијата на палестинскиот  народ.

Се чини дека САД ги поддржуваат плановите за анексија од страна на Израел. Државниот секретар Мајк Помпео изјави минатиот месец дека тоа, на крајот од краиштата, е одлука на Израел, но американските лидери ќе се консултираат приватно со израелската влада ако се спроведе планот.

Предложениот договор на Трамп да им се даде условна независност на Палестинците беше критикуван за фаворизирање на Израел и беше отфрлен од Палестина и осуден од арапските и од европските земји. Планот вклучува територијални промени во корист на Израел во Ерусалим и на Западниот Брег, анектирани од Јордан во 1949 година и преземени од Израел во војната во 1967 година.

Абас претходно го отфрли договорот велејќи му на Трамп: „Нашите права не се на продажба“.

Треба да знаете
Последни објави