Search

Марш за чист воздух во Скопје

Со транспаренти „Животот пластичен не е фантастичен”, „Правдата пред профитот”, „Сакаме да дишеме”, граѓаните на марш пред Владата им порачаа на надлежните дека треба да се грижат за чистиот воздух и здравјето, многу повеќе отколку за парите.

Невена Георгиевска од здружението О2 посочи дел од мерките кои бараат да се исполнуваат: носење на детален урбанистички план во Гази Баба за поранешната градска депонија Вардариште, итно започнување на санација и ремедијација на таа депонија, забрана за увоз на гуми и друг отпад како извор на енергија, контрола на отпадот на граничните премини, отворање на истрага за узвоз на отпад, отворање истрага за ОХИС во стечај. Меѓу мерките се и забрана за откуп на старо железо, олово, калај, алуминиум, Бараат и поставување на монтажни живеалишта за лицата без дом и нивна интеграција во општеството, уредување на тие простори за повторно да се населуваат, да се донесат по итна постапка редица закони како закон за почви, закон за инспекција за животна средина, закон за контрола на емисија од индустријата, закон за комунална полиција…

Георгиевска истакна дека проблемот е комплексен, но направиле програма во чекори како треба да го решаваат проблемот со загадениот воздух, која, како што рече, прераснала во цела книга. Додаде дека мерките на политичарите вродуваат со плод само кога дува ветер.

Таа потенцира дека книгата со барањата ќе им биде врачена на функционерите за, како што рече, да имаат што да читаат за викенд.

Јана Наскова од иницијативата „Fridays for future” истакна дека аерозагадувањето не се решава со купување маски за воздух во аптеки.

– Овој проблем не се решава со криење во оваа „прегадна шампита”. Можеби наведната глава сабја не ја сечи, меѓутоа наведната глава добива рак на плуќа од ПМ10 честички, рече таа.

Активистите најавија дека и следниот петок ќе се соберат пред Влада за да протестираат за почист водух и апелираат да им се придружат што поголем број граѓани.

Треба да знаете
Последни објави