Search

Манчевски во Канада: Бележиме позитивни оценки за отвореноста на Владата кон граѓаните

Северна Македонија бележи позитивни оценки за имплементација на мерките за отвореност на Владата кон граѓаните, изјави министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски кој учествуваше на Глобалниот самит за отворено владино партнерство што се одржува во Отава, Канада.

Министерот се обрати на панел дискусијата насловена како: “OGP in the Eastern Partnership and Western Balkans: Raising Collective Ambition“, каде што се осврна на прашања поврзани со активностите кои Владата на Република Северна Македонија, ги превзема во контекст на реализирање на мерките од Отвореното владино партнерство. Тој зборуваше и за процесот на политички и економски реформи, потоа идни планови и предизвици во таа насока.

Манчевски ја потенцираше важноста од постоењето доверба на граѓаните кон институциите, што се постигнува преку активна транспарентност и отворање на податоците.

„Со таа цел го отворивме и новиот портал за отворени податоци. Бројот на податочни сетови достапни во моментов е 200 од повеќе од 45 институции. Ова е повеќе од тоа што беше предвидено во Акцискиот план. Свесноста кај институциите за важноста од отворањето на податоците се зголемува, а бизнис заедницата, медиумите, граѓанските организации се повеќе ги користат овие податоци, што е и основната цел на нивното објавување Нашиот пристап е отворање на сите податоци, со исклучок само на тие кои се однесуваат на националната безбедност“, истакна Манчевски.

Одговарајќи на прашањето: „Како владите да ја задржат ангажираноста на граѓаните во однос на неопходните, но често болни реформи кои може да потраат пред да се покажат видливи резултати?“, Министерот Манчевски рече дека овој концепт многу придонесе за земјата да се трансформира од заробена држава (како што е наведено во извештајот на Европската комисија за земјата) во вистински отворен и прогресивен пример не само на Балканот туку и ширум светот.

„Овие принципи го трасираа патот на реформите и начинот на којшто оваа влада ја практикува власта. Тоа значи дека постои силна политичка волја за воведување реформи коишто континуирано ги отвораат институциите и ги трансформираат во вистински сервис за граѓаните“, додаде Манчевски.

Покрај министерот, меѓу другите, свое обраќање имаа и Едуард Агаџанијан- шеф на кабинет на ерменскиот премиер, Елена Берадзе-заменик раководител во грузиската агенција за администрација високи претставници на грузискиот Институт за развој на слободата на изразување, како и на украинскиот Транспаренси Интернешенел.

Треба да знаете
Последни објави