Search

Малта му изрече казна на капетанот на германски брод за спасување мигранти

Германски капетан на брод за спасување мигранти беше казнет со парична казна од 10.000 евра од малтешкиот суд, откако беше прогласен за виновен за влез во националните води на земјата без соодветна регистрација.

Бродот „МВ Лајфлајн“, во кој се превезувале 234 мигранти од Либија, беше привремено задржан од страна на транспортните власти на медитеранскиот остров во јуни 2018 година. Капетанот, Клаус Питер Реиш, подоцна беше обвинет за управување со брод кој не бил регистриран за спасувачки операции.

Тој му рече на судот дека неговиот брод е регистриран во Холандија, но судијата Џозеф Мифсуд посочи дека документите што ги доставил холандскиот регистар јасно покажале дека тие не го признале бродот како регистриран под нивното знаме.

Сепак, Мифсуд го отфрли барањето на обвинителството за конфискација на бродот, велејќи дека тој припаѓал на германската хуманитарна мисија „Лајфлајн“.

Иако таквите обвиненија може да резултираат со затворска казна од 12 месеци, судијата рече дека тоа нема да се случи бидејќи судот ги разбира околностите на случајот.

При издавањето на паричната казна, судот препорачал средствата да се распределат меѓу добротворните организации кои работат со мигранти.

Малта и соседна Италија повеќепати ги затворија своите пристаништа во текот на изминатата година, забранувајќи им влез на бродови што превезуваат мигранти од Либија. Двете земји ги обвинуваат невладините организации за помагање на шверцерите со луѓе, обвиненија што тие ги негираат.

Треба да знаете
Последни објави