Search

Макрадули во Белград на Конференција за намалување на загадувањето во ЈИЕ

Заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули го престави Планот за чист воздух на Република Македонија на министерската конференција „Иновативни решенија за намалување на загадувањето во Југоисточна и Јужна Европа” што денеска и утре се одржува во Белград.

Главна цел на конференцијата е изнаоѓање на заеднички начини и мерки за унапредување на животната средина, здравјето на луѓето и развојот на економијата во овој дел на Европа.

Ме радува што Македонија доби подршка за планот, кој за разлика од другите земји е многу поконкретен, со јасни цели и таргети. Останува во заедничката борба со заеднички цели и со партнерите, да успееме да го имплементираме планот, во интерес на граѓаните на Република Македонија и за намалување на загадувањето, изјави Макрадули.

Министрите за заштита на животната средина на Конференцијата усвоија заедничка регионална визија на иновативни решенија за намалување на загадувањето и ги повикаа ОН да ја охрабрат и поддржат размената на информации и јакнењето на соработката меѓу земјите.

Во рамки на Конференцијата Макрадули оствари средба со српскиот министер за заштита на животната средина Горан Триван, на која меѓу останататото е разговарано и за воспоставувањето на еколошкиот фонд кој во Србија веќе функционира.

Ние сме во процес на воспоставување на овој фонд и разменивме искуства, како и за загадувањето. Разговаравме и за дел од инструментите кои во Македонија не работат, како и да ни помогнат и за регионалната соработка во поглед на меѓуграничното загадување, како да добиваме повеќе податоци за заеднички да се справиме со загадувањето, изјави Макрадули по средбата.

Конференцијата е во организација на Министерството за заштита на животната средина на Република Србија во партнество со Програмата за заштита на животната средина на ОН.

Треба да знаете
Последни објави