Search

Македонската Алијанса го честита членството во НАТО

Македонската Алијанса на сите Македонски граѓани кои живеат во и надвор од границите на Татковината, им го честита полноправното членство во НАТО Алијансата. Во понеделник пред седиштето на НАТО во Брисел и во две други команди и церемонијално ќе биде подигнато Македонското знаме во чест на Македонија како 30-та полноправна членка. Сите треба да сме горди, бидејќи ова е успех на различни генерации кои со своите политики, одлуки и чекори, од независноста до сега ја промовираа северноатланската идеја, ја реформираа Македонската Армија, која одамна е дел од сите мировни мисии на Алијансата.

Татковината и нацијата одамна го заслужија полнправното членство во НАТО Алијансата. За жал, за Македонската нација не важи универзалното демократско право на самоопределување што мора да го ужива секоја нација, како цивилизациска придобивка. Силно веруваме дека стекнување на правата од полноправното членство во НАТО Алијансата ќе и овозможи на Македонија механизми кои ќе помогнат во демократската борба за исправање на неправдата и националните понижувања.

Македонија има западна ориентација со стратешки курс од кој нема отстапување. Наш најважен стратешки заштитник бил, е и ќе бидат САД! Македонските граѓани се уверија дека е лажна дилемата која од одредени центри се наметнува во јавноста. Ние кои сме категорично против националните понижувања, раздавањето на се што е свето и Македонско, никогаш не сме биле против членството во НАТО Алијансата.

Жалиме што полноправното членство се случува во период на светска криза од пандемијата со „Корона” вирусот, но токму овие моменти треба да бидат обединувачки мотив за сите заедно, без разлика на етничка, верска или политичка припадност, да се бориме против заканите по здравјето и економските предизвици.

Треба да знаете
Последни објави