Search

Лукашенко разговарал со Путин, уверени се дека немирите во Белорусија брзо ќе стивнат

Oфицијален Кремљ денеска изрази увереност за брзо решение на кризата во Белорусија, каде претседателот Александар Лукашенко, сојузник на Москва, се соочува со протести по контроверзната победа на претседателските избори минатиот викенд.

„Двете страни изразија увереност за брзо решение на проблемот во Белорусија“, се вели во соопштението од кабинетот на рускиот претседател, по телефонскиот разговор меѓу Путин и Лукашенко.

Според Кремљ, најважно е новонастанатите проблеми да не ги искористат деструктивните сили кои сакаат да ја поткопаат соработката што е взаемно корисна, а е воспоставена преку сојузот на Русија и Белорусија.

Во разговорот била потврдена волјата и на двете страни за зајакнување на односите во тој сојуз, кои се во согласност со клучните интереси на братските народи на Русија и Белорусија, се додава во соопштението.

Белоруската новинска агенција „Белта“ претходно објави дека двајцата претседатели разговарале за ситуацијата во Белорусија и надвор од неа.

Исто така беше соопштено дека Лукашенко побарал да разговара со Путин за „заканата на која е изложена неговата земја, но и целиот регион“.

Притоа, најмногу се целело кон опасноста што протестите во Минск ја претставуваат за сојузот меѓу Русија и Белорусија.

Илјадници демонстранти денеска повторно се собраа во Минск, во знак на протест против реизборот на претседателот Лукашенко, поради сомнежите за големи местенки и нерегуларности на неодамна одржаните избори.

Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, неодамна изјави дека ЕУ темелно ќе ги разгледа односите со Белорусија и оцени дека претседателските избори во таа земја не биле ниту слободни, ниту фер.

„Франс прес“ вчера соопшти дека ЕУ веќе дала зелено светло за санкционирање на репресијата во Белорусија.

Треба да знаете
Последни објави