Search

Локвенец,Атанасов,Ибрахим и Кузмановска ќе сведочат што виделе при упадот во Собранието

Во кривичниот суд во Скопје со сослушување на сведоците продолжува судскиот процес за настаните во Собранието од 27 април.

Денеска пред 33 обвинети, нивните адвокати, судиите, oбвинителите и јавноста, треба да сведочат Енес Ибрахим, Петар Атанасов, Катерина Кузмановска и Хари Локвенец. Со оглед на досегашната динамика на испитување на сведоците, се очекува рочиштето да трае до доцна во ноќта.

На следното рочиште на 19 септември ќе треба да сведочат Ферид Мухиќ, Курто Дудуш, Душица Мрѓа… Обвинителството предложи 36 сведоци, меѓу кои и еден загрозен сведок.

Меѓу обвинетите за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста се: поранешниот директор на БЈБ, Митко Чавков, пратениците Љупчо Димовски, Љубен Арнаудов, Јохан Тарчуловски, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, како и предводниците на протестите „За заедничка Македонија“ Борис Дамовски, Владо Јовановски, Игор Дурловски.

Обвинети, меѓу другите, се и Горан Ѓошевски, личното обезбедување на тогашниот претседавач на Собранието, Трајко Вељановски, разрешениот ексначалник во МВР, Оливер Поповски, Мунир Пепиќ, вработен во Агенцијата за разузнавање, собранискиот обезбедувач Абдулфета Аљими, Јане Ченто, претседателот на патриотското здружение „Пере Тошев“ од Прилеп, началниците во МВР, Душко Лазаров и Митко Пешов, Горанче Ангеловски Ќосето, Александар Василевски-Нинџа, Митре Питроповски…

Судијката Добрила Кацарска која го суди предметот закажа уште 50-ина рочишта до крајот на јануари 2019 година.

Треба да знаете
Последни објави