Search

Коронавирусот ги тргна странските питачи од улиците на Хелсинки

Финска беше во делумна вонредна состојба речиси две недели како резултат на појавата на ноиот коронавирус Ковид-19, а операторите на засолништа за бездомници во финската престолнина Хелсинки велат дека нивните објекти лежат полупразни, пренесува националниот радиодифузер „Иле“.

Најзначајно е тоа што ромската дијаспора, која долго време беше препознатлив декор на улиците во Хелсинки, е повеќе од преполовена.

„Го забележавме тоа. Повеќе од половина се вратиле во своите матични земји“, вели Мика Паасолаинен, директор за услуги на институтот „Диконес“.

Неговата добротворна организација управува со две засолништа за итни случаи за бездомници во Хелсинки. Обично и двете се речиси полни со Роми од Бугарија и Романија. Наместо вообичаените 200 посетители,  сега во објектите има околу 80, вели Паасолаинен, посочувајќи ги како причина итните мерки преземени од градот.

„Една од причините што доаѓаат е приходот, а сега тоа го снема“, објасни тој.

Според „Иле“, главните извори на приход за бездомниците во Хелсинки се продажба на стара хартија, собирање шишиња за рециклирање и просјачење. Второ, шпекулира Паасонен, желбата на бугарските и на романските Роми да се вратат дома можби го забрза егзодусот.

„Оние што имаат пари да заминат и да бидат со своите семејства и децата го сториле тоа. Тие се плашеа дека ако Финска ги затвори своите граници, нема да можат да се вратат дома“, вели тој.

Според Паасолаинен, поголемиот дел од странските Роми во Финска се наоѓаат во регионот на Хелсинки. Тој претпостави дека ситуацијата од нивна гледна точка е подеднакво лоша и во другите делови на земјата, но смета дека тие ќе се вратат откако пандемијата ќе се смири и мерките за итни случаи ќе завршат.

Минатата недела, финската влада ја опколи областа на Хелсинки, која е дом на речиси една третина од населението на Финска или околу 1,7 милиони луѓе, како дел од својата стратегија за надминување на епидемијата.

Изминатата деценија, присуството на улични просјаци од Источна и од Јужна Европа, претежно Роми, претставува проблем низ Скандинавија, што може да се види од бројните извештаи за организирано питачење, поплаки од жители и загриженоста за санитарни услови. Во 2019 година, во Финска беа регистрирани првите два случаи на принудно просјачење, проблем што привлече поголемо внимание во соседна Шведска.

Половина од Финците признаваат дека просјаците ги нервираат, а најпозитивен став кон групата имаат членовите и приврзаниците на „Левата Алијанса“, покажа претходната анкета.

Бидејќи Шведска и Финска остануваат меѓу европските нации со најмалку ограничувања на просјачењето, дебатата продолжува. Додека некои, како либерално-конзервативите „Модерати“ во Шведска, се залагаат за целосна забрана на просјачењето, други, вклучително и групите и организации за човекови права, апелираат на хуманост и тврдат дека таквата забрана е брутална.

Треба да знаете
Последни објави