Search

Комесарот за човекови права на Советот на Европа за положбата на непризнатото македонско малцинство во Бугарија

Дуња Мијатовиќ е четвртиот комесар за човекови права на Советот на Европа, која се осврнува на правата на лицата кои се самоопределуваат како етнички Македонци во Бугарија. Во својот најнов извештај за оваа земја, комесарот забележува дека Македонците не се признаени како национално малцинство во Бугарија и не се вклучени во рамките на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, иако тие тоа го бараат, јави дописникот на МИА.

Комесарот за човекови права на СЕ посветува посебно поглавје на положбата на македонското малцинство во Бугарија. Уште на почетокот  забележува дека Бугарија сè уште не ги извршила поодамнешните пресуди на Европскиот суд за човекови права во групата предмети Обединетата македонска организација (ОМО) – Илинден и други против Бугарија, во врска со неоправданото одбивање на властите да регистрираат здруженија кои имаат за цел „признавање на македонското малцинство во Бугарија”. Иако, како дел од спроведувањето на пресудите на Судот во оваа група случаи, надлежните органи воведоа нова постапка за регистрација на здруженија од 1 јануари 2018 година. Сепак, се чини дека тоа не доведе до подобрувања во реалниот процес на регистрација на здруженијата за промовирање на македонскиот идентитет и култура. Комесарот жали што и покрај наодот на Судот од Стразбур дека ограничувањата наметнати од страна на Бугарија врз организациите апликанти и нивните членови „не биле неопходни во демократско општество”, жалителите сè уште не успеале да ги регистрираат своите здруженија.

Комесарот при посетата на Бугарија беше информиран дека се преземени чекори за прекинување на регистрацијата на две здруженија регистрирани во 2019 година, со аргументи дека во Бугарија нема македонско малцинство и дека овие здруженија претставуваат закана за националното единство. Притоа, Комесарот дозна дека основачите на засегнатите здруженија веројатно биле испрашувани за „вистинската цел” на нивните организации. Покрај тоа, во октомври 2019 година, Апелациониот суд во Софија одби да го регистрира „Друштвото на репресирани Македонци во Бугарија, жртви на комунистички терор” со образложение изразено во 2000 година од Уставниот суд на Република Бугарија дека во земјата „нема македонски етнос”.

Во однос на ова, Комесарот забележува дека Македонците не се признаваат како национално малцинство во Бугарија и не се вклучени во рамките на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства. Мијатовиќ потсетува дека иако го потенцираше правото на самоопределување загарантирано во Конвенцијата, Советодавниот комитет за Конвенцијата жали што надлежните не покренале дијалог за оваа проблематика со лицата кои се идентификуваат како Македонци, иако тие ја потврдија својата желба да бидат признаени како национално малцинство.

Во одговорот на бугарската влада се вели дека властите работат на спроведување на пресудите на Судот од Стразбур и дека тие се под засилен мониторинг од Комитетот на министрите. Додека за самопределувањето на лицата како припадници на малцинство, тоа е според одговорот, индивидуална работа и дека основните човекови права се гарантирани во земјата.

Комесарот од своја страна смета дека во Бугарија се потребни и политичка и културна промена во начинот на кој се третираат и застапени малцинските групи во таа земја, каде говорот на омраза, дискриминација и непријателство кон Ромите, ЛГБТИ заедницата и другите членови на малцинските групи остануваат причина за сериозна загриженост. Притоа, таа ги повикува властите да реагираат енергично на говорот на омраза, особено кога тоа е направено од високи политички функционери, да ја зајакнат правната заштита од дискриминација и прекршоците мотивирани од омраза и да се осигурат дека кога ќе се случи вакво дело, тоа ќе биде предмет на ефективна истрага и гонење.

Треба да знаете
Последни објави