Search

Коловозите целосно чисти, се дорасчитуваат тротоарите и велопатеките

Екипите на зимската служба на Град Скопје продолжуваат со интензивните активности за расчистување на снегот по обилните врнежи.

Коловозите на булеварите и магистралните улици кои се во надлежност на Град Скопје се целосно расчистени, а на терен интензивно се работи на чистење на тротоарите и велосипедските патеки од наталожениот снег за да им се овозможи полесно движење на граѓаните.

Во текот на изминатава вечер повторно се поминати сите булевари и улици што се во надлежност на Градот Скопје, а дополнително со сол се поминати и т.н. „критични точки“, пришто беа фрлени 432 тони сол.

И изминатово деноноќие екипите на јавното претпријатие „Комунална хигиена“ работеа на чистење на јавните површини и тротоарите. Снегот го чистеа 60 вработени рачно и со механизација – мултикултиватори, трактори со специјални четки и ножеви за снег, трактори со плуг и патарки за расфрлање на сол.

Екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ со два камиона, четири машини и останата потребна механизација вршеа расчистување на патеките од снег во зелените површини, тротоарите и  парковите  за олеснето движење на граѓаните.

Зимската служба на Градот Скопје будно ја следи состојбата на терен и ќе интервенира според потребите.

Градот Скопје им препорачува на возачите да возат внимателно и да се придржуваат на условите на коловозите, истите да не паркираат на улиците и булеварите, и да овозможат непрекинато движење на возилата на зимската служба. Потсетуваме дека во надлежност на Град Скопје се булеварите и одредени градски улици, а преостанатите улици се во надлежност на општините и тие се задолжени за нивно чистење и одржување.

Апелираме до граѓаните, куќните совети и сопствениците на деловните објекти да се придржуваат до законската обврска за чистење на снегот од приодите до нивните објекти.

Треба да знаете
Последни објави