Search

Кина усвои Закон за странски инвестиции

Кинеското Собрание денеска усвои закон за странски инвестиции, што се оценува како подадено „маслиново гранче” во текот на трговските преговори со САД.

Законот има за цел да ги задоволи барањата на странските фирми, кои со години се жалат на големиот број ограничување и недоволната заштита на интелектуалната сопственост, и треба да стапи во сила на 1 јануари 2020 година.

„За” Законот гласаа 2.929 членови на Националниот народен конгрес на Кина, а по осум беа „против” и „воздржани”.

Законот е усвоен само три месеци по изработката на првичниот предлог текст, што се смета за невообичаено брза постапка за кинеската законодавна процедура.

На усвојувањето на Законот реагираа американските и европските стопански комори, кои изразија незадоволство затоа што им било дадено „недоволно време” за доставување на нивните предлози.

Усвојувањето на Законот доаѓа во текот на одржувањето на американско-кинеските преговори, чија цел е ставање крај на трговската војна меѓу двете земји, предизвикана со одлуката на претседателот на САД, Доналд Трамп за воведување царини за поголем број кинески стоки, како мерка за заштита на американското производство.

Кинеските власти вчера соопштија дека во последната рунда од преговорите бил постигнат „значителен напредок”

Треба да знаете
Последни објави