Search

Кина: Никогаш нема да дозволиме отцепување на Тајван

Кина соопшти дека никогаш нема да дозволи отцепување на Тајван и одговори на изјавата на повторно избраната претседателка на Тајван, Цаи Инг-вен, дека нејзината земја никогаш нема да прифати формула „една земја, два система“.

На свечена церемонија при преземање на својот втор мандат, тајванската претседателка Цаи Инг-вен рече дека Пекинг мора да се помири со фактот на мирен соживот со Тајван и дека островската нација никогаш нема да го прифати владеењето на комунистичките власти.

Цаи беше триумфално избрана за шефица на државата по втор пат во јануари, а нејзината центристичка Демократска напредна партија (ДДП), која се залага за независност на Тајван, задржа мнозинство во тајванскиот парламент.

Цаи Инг-вен е трн во окото на Пекинг затоа што со својата партија ДПП не престанува да повторува дека Тајван е де факто суверена држава.

Кинеските комунистички власти ветија дека еден ден ќе ја преземат контролата врз Тајван, па дури и со сила доколку е потребно, особено ако тајванските власти прогласат независност.

Благодарение на согласноста за моделот „една земја, два система“, Кина ги врати поранешните европски колонии Хонгконг и Макао под нејзино покровителство. Тој модел треба да гарантира висок степен на автономија, но Тајван одбива да го стори тоа, не сакајќи да биде дел од Народна Република Кина.

Во една од ретките директни пораки до тајванската влада од високо државно ниво, американскиот државен секретар Мајк Помпео и честиташе на Цаи за нејзината храброст и визија, што не му се допадна на Пекинг, кој остро се спротивставува на каков било официјален контакт на странски земји со тајванските власти, сметајќи го таквиот чин како поддршка на сепаратизмот.

Треба да знаете
Последни објави