Search

Кацарска го праша Вељаноски: За кој Душко станува збор во оваа порака од 27 април 2017 година? Кој е тој Душко?

Кацарска го праша Вељаноски: За кој Душко станува збор во оваа порака од 27 април 2017 година? Кој е тој Душко?

Во кривичниот суд попладнево продолжи испитувањето на поранешниот претседавач на Собранието, Трајко Вељаноски, во својство на сведок предложен од обвинетиот Горан Ѓошевски – Леви. Судијката Добрила Кацарска го испрашуваше Вељаноски за неговата улога во собраниските инциденти.

„Што му пишавте на Горан Ѓошевски – Леви во 17 и 47 часот? Зошто му пишавте порака на Ѓошевски со содржина ‘бидете на штрек’?“

Судијката Кацарска го праша Вељаноски за пораката што Ѓошевски му ја испратил со содржина „сите знаат и од МВР“ и го праша кои се тоа сите од МВР, на што Вељаноски не знаеше да одговори.

Експретседавачот на Собранието рече дека во неговиот кабинет не влегле луѓе со фантомки. Судијката го праша уште еднаш дали е сигурен дека немало такви лица во претседателскиот кабинет, на што тој одговори со „да“.

Вељаноски кажа дека неговото обезбедување не го известило дека во Собранието шетаат луѓе со маски, по што судијката го потпраша сведокот како сака да го ангажира и понатаму за негов обезбедувач, а не си ја врши работата.

„Дали сте биле барем со нешто запознаени на 27 април“,  Кацарска го праша Вељаноски, на што тој рече дека се сеќава оти имал комуникација со Ѓошевски.

„За кој Душко станува збор во оваа порака од 27 април 2017 година? Кој е тој Душко, на кого треба да му бидат кажани мерките?“, го праша Кацарска сведокот.

Вељаноски одговори дека Душко е ликот со кого разговарал за изработка на полици на село, на што судијката му рече „на 27 април зборувавте за полици на село?“, по што Вељаноски се насмевна.

Кацарска го прашуваше дали комуницирал на 27 и 28 април со Крсто Мукоски и Митко Чавков. Тој рече дека со Чавков комуницирал само за дисциплинската постапка на Горан Ѓошевски.

„Знаевте ли дека во салата 3 се тепаат пратеници и се напаѓаат новинари“, праша судијката, а Вељаноски рече дека имало на телевизија, но тој ниту пријавил, ниту гледал зашто тоа било надлежност на МВР.

На крајот од сведочењето судијката Кацарска го праша Вељаноски:„Дали на 27 април единствено се грижевте Вашето обезбедување да не дозволи никој да седне на Вашето место?“

По сведочењето на Вељаноски следува пауза, по што ќе бидат сослушани преостанатите дополнителни сведоци предложени од одбраната на обвинетите.

Треба да знаете
Последни објави