Search

И петмина малолетници приведени на протестите пред Собрание

Во текот на протестите пред Собранието од страна на Министерството за внатрешни работи вчера биле приведени 26 лица, од кои петмина се малолетници. По утврдување на идентитетот и возраста на лицата, малолетниците согласно Законот за правда на децата се пуштени на слобода, информира скопското обвинителство. Утринава, претставници од Основното јавно обвинителство Скопје одржале работен состанок со претставници од МВР на кој биле известени за вчерашните настани.

„Основното јавно обвинителство Скопје беше известено дека на вчерашниот настан повредени се десет полициски службеници од кои деветмина со телесни повреди, а еден полицаец со тешки телесни повреди. За времетраење на вчерашниот протест биле повредени и седум граѓани. Обвинителството на МВР даде насока за обезбедување и доставување релевантен доказен материјал за сите лица лишени од слобода во врска со дејствијата што ги презеле пред Собранието, како и за малолетните лица претходно лишени и пуштени на слобода. Пред сѐ за обезбедување на снимки од видео записи од поставените безбедносни камери со цел документирање на евентуално незаконито дејствување“, се вели во соопштението.

Од содржината на видео записите, како и од други обезбедени докази ќе се утврдува евентуалното незаконито дејствување на лицата лишени од слобода и на малолетните лица претходно лишени и пуштени на слобода. Воедно ќе се утврдува и идентитетот и на други лица инволвирани во настанот, за кои ќе постои сомнение дека со своето однесување се сторители на кривични дела. Согласно на содржината на видео записите и другите докази ќе следи поднесување на кривични пријави или известувања до Основното јавно обвинителство Скопје од страна на МВР.

Треба да знаете
Последни објави