Search

Интервју Царовска: Верувам дека силни жени градат силно општество

Не само нашата држава туку и целиот свет се соочува со економско -социјална криза којашто е предизвикана од здраствената криза со Ковид-19. Оваа криза е голем предизвик за целиот свет. И покрај прогнозите за штетите врз економија многу е тешко да се предвиди  и да се знае со сигурност  како понатаму ќе се развива кризата и кај нас и на светско ниво, вели во интервју за 24 инфо вицепремиерката Мила Царовска.

Она што е важно да се каже дека ние како техничка Влада навремено и ефикасно одговоривме на сите реални потреби и барања на граѓаните и компаните. Со ова потвдивме дека како држава имаме капацитет да се бориме со новите предизвици и на истиот начин ќе продолжиме и по формирањето на новата Влада. За потсетување во изминатите два месеци со секојдневно аналитично следење на состојбите донесовме три сета економски мерки со вкупна вредност од 555 милиони евра, со коишто одговоривме на барањата и на работодавачите и на работниците. Ги заштитивме најранливите. Спасивме работни места и ги одржавме ликвидни компаниите кои и во време додека тие не работеа и не остваруваа приходи. Со силна посветеност продолжуваме и во новиот мандат да одговараме на барања на сите граѓани и да се обезбедиме услови за функционирање на економијата и воопшто на животот во услови на ковид.

Носител на листа сте во правата изборна единица заедно со Никола Димитров. Противкандидат ви е Гордана Силјановска како непартиски кандидат по предлг на ВМРО-ДПМНЕ. Имаајќи во предвид дека на претседателските избори за неа гласаа многу непартиски личности се надевате ли сепак на победа?

Социјалдемократскиот сојуз на овие избори настапува со предизборна програма којашто нуди реални и издражани ветувања пред граѓаните. Лично сум уверена дека граѓаните, за време на нашиот претходен  мандат од околу три години, се уверија дека ние сме опцијата којашто ги промени вредностите и започна важни реформски процеси коишто го менуваат општеството. Затоа сум сигурна дека коалицијата Можеме ќе биде нивниот избор на 15 јули. Направивме многу во изминатит мандат. Она што е најважно  ја вративме слободата и демократијата. Немаме повеќе заробена држава. Од земја во изолација станавме земја членка на НАТО и земја којашто започнува преговори со ЕУ. Направивме многу изминатиот период. Од темел го променивме системот за социјална заштита и за три пати ја зголемивме социјалната помош за најранливите. Почнавме да создаваме инклузивно општество и ја сменивме перцепцијата за ранливите групи граѓани. Од економија во негатива само за три години овозможивме подинамичени и одржлив економски раст. Не ги заборавивме и повозрасните граѓани. 324 илјади пенизонери во јануари добија зголемена пенизја за 722 денари коишто влегуваат во основицата на пензијата и редовно се исплаќаат секој месец. Како социјал демократи коишто се бориме за солидарна и праведна држава продолжуваме со социјалниот дијалог за раст на платите. Во новиот мандат за 4 години најавуваме раст на минималната плата до 40% и на просечната до 30%. Не ги забораваме и најранливите повозрасни лица и воведуваме ново повисоко ниво на минимална пензија којашто ќе изнесува 10.700 денари.

ДУИ отворено повикува на обединување на албанските гласови и постојано кажува дека е време за Албанец премиер. Ваше мислење за оваа состојба и има ли план за евентуална коалиција повторно со ДУИ?

Во нашата земја мандатар за претседател на Влада може да биде секој граѓанин кој ќе обезбеди поддршка од најмалку 61 пратеник. Мандатар на СДСМ на овие избори е претседателот на партијата Зоран Заев и јас ум убедена дека тоа е нашиот иден премиер кој еднакво ќе се бори за подобар живот на сите граѓани на Северна Македонија, нешто што го докажаи во изминатите години и мандат. Според Уставот, пратениците во Собранието се бираат според волјата на граѓаните, а не според етничката припадност на еден или друг кандидат.

Долго бевте во министерството за труд и социјална политика. Сега сте вицепремиер во техничката Влада. Кое работно место одзема повеќе време и има повеќе предизвици?

Секое рабитно место си има свои предизвици и бара целосна посветеност и ангажман за да се постигнат посакуваните резултати. Она што е важно дека и како министерка за труд и социјална политика и како вицепремиерка за економски прашања дадов се од од себе да ги реализираме реформските процеси кои им значат многу и на граѓаните и на компаниите. За време на мандатот во МТСП спроведовме клучни реформски процеси коишто го преобразија целиот систем на социјалната и на детска заштита. Едноставно го променивме општеството и перцепцијата за најранливите граѓани. На вицепремиерската позиција сум релативно кратко време околу половина година, но ситуацијата со Ковид-19 и неопходноста од носење на итни мерки воспостави силна динамика на комуникација со сите засегнати страни и секојдневно носење на уредби со коишто создадовме услови за функционирање на компаниите и функционирање воопшто на целата држава и заштита на работниците во криза од светската пандемија. Секако дека и оваа позиција е голем предизвик.

На изборните листи овие избори како носители на листи се појавуваат жени во сите изборни единици. Какво е вашето мислење, дали можеби е дојдено време за жена премиер на Македонија?

Социјал-демократскиот сојуз покажа дека единствената партија којашто ја препознава родовата еднаквост и направи многу за унапредување на правата и економско јакнење на жените во државата. Ние сме Влада со најмногу жени на министерки и убедена сум дека оваа бројка ќе се зголемува во наредниот период ккао во извршната власт така и во Собранието.Навистина ми е драго што на овие избори настапуваме со кандидатски листи со 50:50 застапеност на жени и мажи. Мојата лична, но и заложбата на партијата е да имаме што повеќе жени на раководни функции, односно жените да учествуваат секаде кадешто се носат важни одлуки. Верувам дека силни жени градат силно општество и дека со женска солидарност можеме да го зголемиме бројот на жени на важни функции во државата.

 Одите ли на предизборни средби, ве плаши ли короната?

Да редовно одам на предизборните средби, коишто како одговоран партија ги се одржуваме под строго утврдени протоколи. Како што веќе објавивме  нашата партија донесе протокол за условите под кои тече изборната кампања. Короната е насекаде меѓу нас, но со внимателно и одговорно однесување, можеме да се заштитиме од оваа зараза. Она што е важно на сите средби носам заштитна маска, редовно мијам и дезинфицирам раце и држам растојание. Апелирам и до сите граѓани да ги почитуваат мерките и препораките бидејќи така ќе допринесат за заштита на нивното здравје, здравјето на најблиските и воопшто на јавното здравје.

Која е Мила Царовска приватно, има ли хоби како го поминува слободното време?

Мила Царовска приватно е истата што ја гледате и професионално. Поголемиот дел од времето во денот го поминувам во работни активности. Слободното време коешто го имам малку го поминувам со семејството и синот шетајќи го кучето и тоа навистина ме релаксира и ми дава енергија. Сакам да слушам музика, да прочитам книга или да изгедам некој добар филм. Слободното време го поминувам и во дружба со пријателите.

(В.А.)

 

Треба да знаете
Последни објави