Search

Инспекторот Илиевски поднесе прекршочна пријава против ДУТ и ректорот Амети

Вишиот просветен инспектор Ѓорѓи Илиевски, денеска поднесе прекршочна пријава против Државниот универзитет во Тетово и ректорот Вулнет Амети, а истата ја достави во тетовскиот Основен суд, дознава Факултети.

Илиевски вели дека при редовниот инспекциски надзор на Правниот факултет при ДУТ утврдил дека тројца државни функционери – министерот за образование и наука Арбер Адеми, заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нихиу и директорот на Државниот завод за индустриска сопственост, Сафет Емрули, незаконски напредувале во наставно-научни звања.
Тој на 27 јули извршил и контролен надзор, а денеска закажал т.н порамнување.Бидејќи тетовскиот универзитет не постапил согласно неговите барања-поништување на звањата на функционерите, тој денеска поднесе прекршочни пријави.
Тој всушност продолжува со својата редовна инспекциска пракса, како што е предвидено во Законот за просветна инспекција и покрај тоа што неговите решенија се укинати од второстепената комисија (Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка). За оваа одлука Илиевски дозна во петокот, кога дисциплинската комисија во Државниот просветен инспекторат (ДПИ) предложи тој да биде казнет.
Илиевски, вели дека ќе преземе мерки и против второстепената комисија.
Граѓани, пак со онлајн-петиција му даваат поддршка на инспекторот Илиевски. За два дена се собраа околу 2000 потписи, а бројот на граѓани кои ја потпишуваат постојано расте. „Кажете еднаш засекогаш НЕ! за криминалот во Македонија“, стои во отворената петиција.
Треба да знаете
Последни објави