Search

Ибрахимовиќ го реши Наполи, Милан го задржа првото место

Со два гола на неверојатниот Златан Ибрахимовиќ, Милан триумфално замина и од „Сан Паоло“ обезбедувајќи три бода и шеста победа во тековната сезона во Серија А. Во дербито на 8. коло, „росонерите“ славеа со 3:1 на гостувањето кај Наполи, предводени од најдобриот стрелец во Серија А сезонава.

Ибра отвори за водство на Милан во 20. минута, а веќе по само 10 минути игра во вториот дел и вторпат го совлада домашниот голман за предност на гостите од 2:0.

Малку надеж за домашните стигна по голот на Мертенс во 63. минута, но само две минути подоцна, Бакајоко заработи втор жолт картон и исклучување, кое ги „пресече“ домашните, кои до крајот не успеаја да се изборат за реми.

Милан ја искористи последната минута од надополнувањето да постигне уште еден гол, овој пат преку младиот Хауге за потврда на победата со конечни 3:1.

Нашиот Елиф Елмас беше на клупата за резерви и влезе во игра во истекот на регуларното време, со само симболичен настап на мечот.

Треба да знаете
Последни објави