Search

Зошто Меркел оди само до „половина пат”?

Зошто Меркел оди само до „половина пат”?

Германската канцеларка Ангела Меркел неодамна најави дека ќе се повлече од функцијата лидер на Демохристијанската унија (ЦДУ), но дека ќе остане на канцеларското место.

– Оваа одлука не е доволна, пишува германскиот весник Шпигел.

По 18 години поминати на чело на ЦДУ, Мернкел се повлекува и тоа е добар потег, но зошто оди само до половина пат? Зошто инсистира да остане канцеларка уште три години?, се наведува во текстот објавен во германскиот весник.

Кога одлучи уште еднаш да се кандидира за функцијата канцеларка во 2017 година изгледаше уморно и рамнодушно, но нејзините приврзаници се надеваа дека би можела да му биде противтежа на Доналд Трамп и вистински лидер на либералната демократија ширум светот.

Се надеваа дека заедно со францускиот претседател Емануел Макрон, би можела да ја помести Европа од патеката по која тогаш се движела.

– И не успеа во тоа. Таа повеќе не што не игра важна улога во меѓународната политика и Европа, туку е и дел од поголем проблем – поделба меѓу северот и југот, истокот и западот, се додава во текстот на Шпигел.

Владите кои ги предводеше завршија добра работа во водење на Германија низ светската финансиска криза.

Нејзино најголемо дело, како што се наведува, хуманитарната политика искажана во односот кон бегалците е воедно и нејзин најголем неуспех и тоа поради фактот дека таа не ја подготвила ниту објаснила таквата политика, иако многу однапред знаела дека во Германија ќе пристигнат многу бегалци.
Кога ќе заврши оваа година, Меркел ќе биде слаб канцелар, како во земјата така и на меѓународно ниво. Без челна позиција во партијата ќе биде уште послаб канцелар.

Треба да се нагласи дека еден од кандидатите за нејзина замена на лидерската позиција во партијата е Фридрих Мерц, човекот на кого токму таа му ја одзеде улогата на лидер на конзервативната група во Парламентот. Две години оттогаш тој ја напушти политиката, па не е тешко да се заклучи дека неговата сегашна кандидатура со голем дел е поттикната од желбата за одмазда, пишува германскиот весник.

Истото важи и за актуелниот министер за здравство Јенс Шпан, уште еден кандидат за лидерската позиција во ЦДУ. Тој е познат како еден од најгласните критичари на Меркел внатре во партијата и како голем противник на нејзината политика кон бегалците.

Канцеларите со „стаж” често мислат дека останатите се уште не се способни да ги заменат. Кога Меркел беше првпат избрана за канцеларка, многумина мислеа дека и таа не е дорасната за таква функција. Меѓутоа, во следните години таа покажа дека погрешиле.

-И покрај се што направила за Германија, на земјата повеќе не и е потребна. Таа не е лидер на иднината, заклучува Шпигел.

За нејзина наследничка се кандидира и Анегрет Крамп-Каренбауер, генерална секретарка на партијата, која влегува во трка за најмоќното партиско место во германија со двајцата силни противници на досегашната партиска политика, а кои уживаат поддршка од мнозинството, пишува Дојче веле.

Во текстот под наслов „Дали е ‘малата Меркел’ потценета?” се наведува дека не е случајно што Крамп-Каренбауер често ја опишуваат како „малата Меркел”. Тие две се многу блиски. Со Ангела Меркел, како што се наведува, ја поврзуваат многу лични случувања, на неа треба за многу работи да и заблагодари, но сепак самоуверено тврди „Јас сум независна. Сега е важно да се отвори ново поглавје со нов стил и нова сила”.

Дојче веле тврди дека на Крамп-Каренбауер сепак нема да и биде лесно.

-Тоа ме поттикнува, одговори Крамп-Каренбауер на прашањето дали е потценета во разговор со авторката која ја подготвува нејзината биографија.

Книгата под името „Можам, имам желба и сакам” јасно ги открива нејзините амбиции, наведува Дојче веле.

Таа гласно упати и мала критика на сметка на Меркел: досегашното владеење на т.н. голема коалиција го опиша како „железно време”. Меѓутоа, кога станува збор за политичките теми, таа засега речиси воопшто не отстапува од линиите кои ги зацртала Ангела Меркел.

Треба да знаете
Последни објави