Search

Земјоделските површини и пасиштата намалени, производството зголемено

Државниот завод за статистика соопшти дека во 2018 година во споредба со 2017 година, земјоделските површини се намалени за 0,1 процент. Кај обработливата површина зголемување е забележано кај ораниците и бавчите за 0,3 проценти, кај овоштарниците за 1,7 и кај лозјата за 1,6. Намалување е забележано кај ливадите за 0,4 отсто и кај пасиштата за 0,5 проценти.

Во 2018 година, во споредба со 2017 година, производството бележи зголемување речиси кај сите посеви и овошје.

Производството на кравјо млеко во 2018 година изнесува 404.230.000 литри што е за 2,6 отсто повеќе во однос на 2017 година. Зголемување на производството во 2018 година е забележано и кај овчото млеко за 3,4 отсто, како и кај козјото за 18,7 отсто.

Вкупното производство на месо е намалено за 2,7 отсто. Зголемување на производството бележи само овчото месо и тоа за 0,7 проценти. Забележано е и намалено производство на јајца и на волна.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2018 година, во споредба со 2017, вкупниот број говеда е зголемен за 0,4 отсто. Бројот на говедата кај индивидуалните земјоделски стопанства е зголемен за 0,9 проценти, додека кај деловните субјекти (земјоделските претпријатија и земјоделските задруги) е намален за 14,8 отсто. Бројот на свињите кај деловните субјекти е зголемен за 17,9 отсто, додека кај индивидуалните земјоделски стопанства е намален за 12 проценти. Зголемување на бројот на овците е забележано кај индивидуалните земјоделски стопанства за 0,9 отсто, а кај деловните субјекти бројот е намален за 17,2. Во истиот период, бројот на козите кај индивидуалните земјоделски стопанства е зголемен за 27,8 отсто, а кај деловните субјекти за девет проценти. Бројот на живината, пак, е намален за 0,6 отсто.

Државниот завод за статистика ја соопшти и бруто-додадената вредност во земјоделството во 2017 година. Изнесува 44.907 милиони денари и во однос на 2016 година бележи номинален пад од 12,8 отсто.

Растителното производство во 2017 година, кое учествува со 65 проценти во вкупното производство, бележи опаѓање од 13,6 отсто во однос на 2016 година. Вредноста на добиточното производство, кое учествува со 24,2 отсто во вкупното производство, опаднало за 2,8 отсто. Меѓуфазната потрошувачка бележи опаѓање од 4,8 отсто. Намален е и номиналниот доход од производните фактори по работна единица за 5,7 отсто, додека реалниот доход од производните фактори бележи опаѓање од пет проценти.

Треба да знаете
Последни објави