Search

Зарем после Хорхе треба нов Хорхе?! Не благодарам

Како наближува денот на изборите за претседател на држвата, така власта се повеќе ја фаќа паника од можноста граѓаните да го искористат правото да не гласаат на овие избори. Набрзина нарачаа дури и спот со кој не убедуваат зошто сме требале да гласаме на изборите во недела на 21 април (не е септември) како и на изборите во вториот круг за две недели. И во него изречени еден куп глупости и небулози и на крајот констатација дека сами си одлучуваме за нашата иднина. Ашколсун, аферим и да си знаете дека навистина сами одлучуваме да не гласаме за Вашата понуда за нашата иднина иста како и сегашната. За да трагикомедијата биде поголема уште подалеку отидоа дебело платените сдсмовски т.н аналитичари, но и еден број од медиумите и новинарите кои дрско и безобразно говорат за некаква политичка криза во случај на неуспешни избори, за промена на уставот и начинот на избор на претседател, па дури и за антидржавен чин доколку се искористи правото да не се гласа на изборите.

Доколку во државава заживеше потополната и вистинска демократија за која сите толку се боревме и ја посакувавме, доколку претходните властодршци не беа заменети со исти такви односно слични како нив (на моменти и полоши) тогаш и ние кои размислуваме поинаку од нив ќе имавме право да нарачаме спот и исто така да бидеме застапени на телевизиите каде ќе си ги искажевме нашите аргументи зошто и овој пат со не излегување на изборите (н.з можете слободно ова да го читате и како бојкот) треба да ги казниме политичарите и нивните кандидати за претседател.

Ајде по ред да видиме зошто би настанала политичка криза доколку не избереме претседател на државата од оние кандидати кои ни се наметнати преку некави си одржани ,,теле” диригирани партиски конвенции или преку формално одржани конвенции со однапред познат кандидат?. Да се разбереме и да бидеме на чисто дека со вакви лидери и раководства на трите политички партии СДСМ, ДПМНЕ и ДУИ ние перманентно сме во политичка криза последниве десетина години и не гледам причина како би настанала нова политичка криза или истата би се продлабочила, само затоа што сакаме здраворазумен, лесен и цврст претседател, кој нема да им слугува на лидерите и раководствата на овие политички партии?.

Господа од власта и од лажната опозиција, зарем треба со сила да не терате да гласаме за кандидати за претседател на државата кои не умеат да не мотивираат, кои се безлични и монотони, кои секој час изговараат по некој гаф, кои се колнат во лидерите на партиите кои ги кандидирале, кои ја напаѓаат само противничката партија а кои молчат и ги затвараат очите за сторениот криминал и другите незаконски дејствија на своите сопартијци и коалициони партнери?. Зарем треба да гласаме за вакви кандидати кои поддржуваат (јавно или тајно) селективна амнестија и кои не смеат да проговорат за криминалците кои се во домашен притвор наместо тие да лежат во затвор со оние кои сториле многу помал криминал. Како да гласаме за кандидати на оние кои не обезличија и обезкичмија пред целиот свет или пак за кандидати на оние кои тивко го поддржаат сето тоа?. Како и зошто да гласаме за кандидати кои потекнуваат од иста политичка матрица, а во јавноста глумат лути противници.?

Добро бре луѓе во услови кога не проработи бројчаникот за украдените односно вратените пари, а работи само бројчаникот на новиот семеен клан во државата, Вие барате да гласаме за кандидат за претседател на државата и уште велите ќе настанеле политичка криза. Ццццццццц. Зарем треба после Хорхе да изгласаме нов Хорхе? Не, благодариме. Ние нема да гласаме, а политичката криза која вие намерно ја правите и стимулирате ќе си трае и понатаму со истиот интензитет како и досега се додека сте вие истите на власт и во опозиција. Со нашето негласање ништо нема да се промени односно усложни на тој план, напротив на мислење сум дека силно ќе ја понижиме власта и опозицијата и ќе и ги отвориме очите на подзаспаната јавност, а тоа е веќе чекор понапред во борбата за современа и демократска држава и владеење.

Тие неколку ,,сиромашни” и бледи сдсмовски аналитичари со помош на еден дел од новинарите како и некои од кандидатите за претседател од петни жили се обидуваат апстиненцијата од гласање да ја етикетираат како антидржавен чин. За нив не е антидржавен чин тоа што во највисокиот законодавен дом изнасилено се носеа законите?! Не е антидржавен чин да се изгласува селективна амнестија за пратеници кои сториле зло со цел да гласаат за уставни промени. Кога се амнестираат терористи или кога не се почитуваат резултатите од консултативниот референдум и со грст пр(л)атеници да се одлучува за промена на името на државата; кога се грабаат народни пари и се даваат на приватни фирми на пратеници и високи функционери на владеачката партија или пак кога сте му овозможиле бегство на најголемиот политички криминалец. За нив не е антидржавен чин да се преименува сопствената држава и да се обезличи сопствениот народ; како и пазарање со прислушуваните материјали далеку зад очите на јавноста (да се испазареа јавноста немаше да ги слушне разговорите а тие и понатаму братски ќе се гушкаа). За нив не е антидржавен чин да се молчи и да се затвараат очите пред очигледниот криминал сторен од страна на високи функционери на коалициониот партнер, туку за жал тоа да ти било апстиненцијата од гласање. Не, бесрамни дечки одработувачи. Не..! Доста беше и доволно кажавте. Ве видовме колку вредите. Зачувајте го мислењето за Вас и немојте како папагали по сите телевизии да го повторувате наизуст наученото и напишано од вашите налогодавци спонзори.

Истите тие ги плашите граѓаните дека Талат Џафери ќе бил претседател на државата во наредниот период доколку не сме избрале претседател на државата на овие избори!. Па што е сега истиот тој Талат? Нели и сега е алфа и омега на политичката сцена во државава. Нели и сега потпишува сé во услови кога сегашниот претседател на државата самиот се пасивизира и ги брои деновите до заминување. И сето ова сега не ви пречи и не е никаква опасност, а опасност ќе биде Талат Џафери само доколку не го избереме Вашиот кандидат. Мошне провидно и крајно безобразно и лицемерно.

Воедно исто така велите доколку не се избере претседател тогаш Заев и компањоните ќе побарале уставни измени и ќе го сменеле начинот на избор на претседател. Па тоа е уште поголема глупост и трагедија за државава. Во услови кога не функционира ниту еден од инструментите на системот на кочници и рамнотежа вие сакате дополнително да оставите простор за иден јавашлук и неконтролирана работа на владата. Но, заборавате дека вољата на граѓаните се менува од минута во минута и истава оваа заложба и евентуална реализација на истата, утре Вам може дебело да ви се удри од глава. Па после ќе се чудите што ве снашло. Затоа бидете разумни. Оставете ги граѓаните сами да си одлучуваат. Не ги ,,силувајте” непотребно да го изберат оној кандидат во кој и вие не верувате.

Дечки се гледаме на нови претседатели и парламентарни избори. Време е народот овие денешни политичари по втор пат да ги казни. Време е граѓаните иднината да ја земат во свои раце преку нови и чесни личности. Ако власта преку спотот порачува дека сами си одлучуваме за нашата иднина. тогаш неке не остави на мир сами да си одлучиме да не гласаме. Доколку лидерите и раководствата на партиите предложеа кандидати со интегритет и авторитет, објективни, непристрасни и приципиелни личности кои не се нивни заложници и заробеници.тогаш немаше да се доведеме во оваа ситуација.

Треба да знаете
Последни објави