Search

Започна дводневниот самит на челниците на ЕУ во Брисел

Челниците на земјите-членки на ЕУ попладнево го започнаа дводневниот самит во Брисел, на кој повторно ќе доминира прашањето за брегзит, откако британската премиерка Тереза Меј го одложи гласањето во парламентот во однос на договорот за излез од ЕУ.

„Имајќи ја предвид сериозноста на ситуацијата во Велика Британија, нашата намера е да ја сослушаме премиерката Меј, а потоа во формат ЕУ 27 да усвоиме одредени заклучоци. Бидејќи времето истекува, ќе размислиме и ќе се подготвиме за одредено сценарио доколку нема договор“, најави вчера претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.

Тереза ​​Меј, би требало да ги извести лидерите за развојот на настаните во врска со брегзит, додека значен дел од самитот ќе биде посветен и на надворешната политика, вклучувајќи ја ескалацијата на тензиите во Азовското Море, спроведувањето на договорот од Минск и продолжувањето на санкциите на ЕУ кон Русија поради конфликтот во Украина.

Претседатолот на Европскиот совет истакна дека на првиот ден од самитот ќе се разговара и за буџетот на ЕУ во периодот од 2021 до 2027 со цел да се постигне договор до есен следната година.

Вториот ден од самитот ќе биде посветен на дискусии за единствениот пазар на ЕУ, климатските промени, миграцијата и дезинформациите, а ќе се одржи и евросамит на кој ќе присуствуваат лидери на земјите од ЕУ кои го користат еврото како валута, претседателот на Европската централна банка и претседателот на еврогрупата.

Треба да знаете
Последни објави