Search

Заклетва положи 24-тата група американски волонтери на Мировниот корпус

Педесет и три американски волонтери на Мировниот корпус денеска положија свечена заклетва со што се приклучија на групата од повеќе од 800 американски граѓани кои служеле во земјава. Волонтерите во Мировниот корпус имаат работено во речиси сите општини во државава соработувајќи со наставници, ученици и организации.

На церемонијата присуствуваа министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, амбасадорката на САД Кејт Мари Бернс, директорот на Мировниот корпус Марк Ханафин, како и претставници од министерствата за образование и наука и за локална самоуправа и од општините, и семејствата-домаќини на волонтерите.

– Оваа програма за развој на заедниците на Мировниот корпус директно го подобрува квалитетот на нудење услуги во социјална заштита. Оваа програма нема да биде целосна и соработката нема да биде успешна ако не сте вие волонтерите кои несебично се давате во градење и едукација на нашите вработени, но и во подобрување на капацитетот на нашите заедници и на услугите што ние ги нудиме кон нив. Преку волонтерството се гради и доверба меѓу граѓаните и институциите бидејќи токму преку соработката меѓу владиниот и невладиниот сектор може да се овозможат целосни и квалитетни услуги на граѓаните, рече министерката Царовска.

Таа потсети дека соработката меѓу Министерството а труд и социјална политика  и Мировниот корпус датира од 2015 година кога потпишуваат меморандум за соработка, додавајќи дека тоа се продлабочува и се зајакнува како партнерство и заедничко инвестирање во заедниците во државава. На новите волонтери им посака успешно работење и заеднички со нашите вработени со нашите граѓани да успеат да создадат врски што понатаму ќе останат за цел живот.

– Волонтерите не само што го претставуваат најдоброто што му го нуди Америка на светот, туку со себе го враќаат и најдоброто што може Северна Македонија да го понуди на светот и на САД, градејќи долговечен мост на соработка меѓу луѓето, рече амбасадорката Бернс.

Како дел од подготвителната обука, волонтерите живееја во семејства-домаќини изучувајќи го македонскиот и албанскиот јазик и култура и имаа можност и за практична обука предавајќи во локалните училишта и помагајќи во локалните невладини организации.

– Кај граѓаните на САД постои голем интерес да бидат волонтери во Северна Македонија. Тоа се луѓе кои се талентирани, посветени, паметни и подготвени да започнат со работа, а резултатите од нивната работа се извонредни, рече директорот на Мировниот корпус, Ханафин.

Мировниот корпус е формиран во 1961 година од претседателот Џон Ф. Кенеди и има три цели – да им помогне на земјите кои имаат потреба од квалификувани лица кои ќе обезбедуваат техничка помош, да помогнат во промовирањето подобро разбирање на американскиот народ преку волонтерите и да споделат информации за заедниците и земјите каде живеат и работат волонтерите со американските заедници и семејства. Преку овие активности волонтерите на Мировниот корпус работат на зајакнување на мирот во меѓународната заедница и подобро разбирање меѓу луѓето од различни култури и традиции. 

Треба да знаете
Последни објави