Search

Заев по повод Светскиот ден на културната разноличност: Дијалогот е најдобра гаранција за мирен и праведен свет

Премиерот Зоран Заев присуствуваше на настан организиран од Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, по повод одбележувањето на Светскиот ден на културната разноличност за дијалог и развој, којшто од Обединетите нации и УНЕСКО е прогласен на 21 мај.

Пред присутните гости меѓу кои претставници на државните институции и граѓанскиот сектор, како и сите претставници на верските заедници во државата, Заев се обрати со порака дека културната разноличност е од корист за целото човештво.

„Денешниот ден е ден за пораката дека интеркултурниот дијалог е најдобрата гаранција за мирен, праведен и одржлив свет на културна разноличност. Свет во кој уникатноста на другиот е богатство на разноличноста на светот. Културната разноличност е инспирација и мотивација за креативноста како инвестиција за промени за подобри општествата. Општества со хуман, човечки лик“, нагласи премиерот.

Како што рече тој, должност на нашето општество е да ги развиваме образованието и меѓукултурните вештини кај младите луѓе за да ја одржиме разноличноста на нашата земја и да научиме да живееме заедно.

„Треба безрезервно да прифатиме дека секој од нас има шанса да направи нешто за разноличноста и инклузивноста да станат алатки за дијалог и разбирање, за мирот и безбедноста, како неопходни за одржливиот развој на нашата заедница. Прашање на нашата иднина е да ја интегрираме културата на сите наши заедници во сите наши развојни принципи. Особено оние поврзани со младинските прашања, како што се образованието, јавното здравје и животната средина, како наш придонес за развојот на хармонично општество со сите разлики“, кажа Заев.

Треба да знаете
Последни објави