Search

Заев во посета на центарот за селекција на отпад во Карпош

Премиерот на РСМ, Зоран Заев, денеска го посети Центарот за селекција на ЈП Комунална хигиена-Скопје, лоциран во скопската општина Карпош, каде што се информираше за текот на акцијата за предавање на старите печки со нееколошки енергенси, во замена за субвенција за набавка на инвертер клима уреди за затоплување на домаќинствата.

Целта на јавниот повик за доделување субвенции за инвертер клима уреди е да се придонесе кон намалување на аерозагадувањето во градот Скопје, преку намалување на употребата на нееколошки енергенси за загревање на домовите во зимскиот период, а истиот ги опфати граѓаните што набавиле инвертер клима уреди од 01.1.2020 година.

Премиерот Заев во оваа прилика ја изрази својата благодарност на ЈП Комунална хигиена-Скопје за придонесот во реализацијата на оваа акција, финансиски поддржана од страна на АД „Електрани на Северна Македонија”.

На настанот присуствуваа и градоначалникот на Градот Скопје, Петре Шилегов, директорот на АД „Електрани на Северна Македонија”, Васко Ковачевски и директорот на ЈП „Дрисла”, Коста Начевски. 

„ЈП Комунална хигиена-Скопје учествува во реализирањето на оваа акција, заедно со Градот Скопје, преку собирање и транспорт на старите печки за затоплување на домаќинствата што користат нееколошки енергенси, со една заедничка цел – подобрување на квалитетот на воздухот во нашиот град преку намалување на аерозагадувањето во престојниот зимски период.

Како Јавно претпријатие наша цврста заложба е со употреба на сите можни ресурси да го заштитиме здравјето на граѓаните и во таа насока во изминатиот период, од прогласувањето на светската пандемија на вирусот Ковид-19, нашите екипи беа континуирано ангажирани со спроведување низа вонредни мерки и активности за одржување на највисокото ниво на хигиената и чистотата на градот Скопје.”- изјави директорот на „ЈП Комунална хигиена-Скопје, Абдусамед Шабани.

Треба да знаете
Последни објави